Хроника од 32-та седница

СКОПЈЕ 01.07.2013 – Советот за радиодифузија на денешната седница донесе одлука да им ги одземе дозволите на ТРД Радио Лав Охрид, ТРД Радио Тернипе (Младост) и ТРД Радио Беса, кои заклучно дадениот рок не ја исполнија својата законска обврска за плаќање на надоместокот за дозволата за вршење радиодифузна дејност.

Советот ја усвои Информацијата во врска со барањето за согласност за промена на сопственичката структура на Трговско радиодифузно друштво КИКИ Илија ДООЕЛ Струга и одлучи да ги одобри планираните промени. Воедно, го задолжи Трговското радиодифузно друштво КИКИ Илија ДООЕЛ Струга до Советот за радиодифузија да достави актуелна тековна состојба издадена од Централниот регистар на Македонија.

СРД ја усвои Информацијата за регуларноста на авторските и сродните права за играна (филмска) програма на ТРД ТВ ЕДО – ДООЕЛ – с.Љубин, Сарај, емитувана од 09.06.2013г. до 16.06.2013г., и констатираше дека:

– дел од филмската програма е емитувана без уредени авторски и сродни права, поради што  Советот за радиодифузија ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка до Основниот суд Скопје I – Скопје, против радиодифузерот и неговиот управител, по претходно спроведена постапка за порамнување;

– постои основано сомнение за сторено кривично дело „Пиратерија на аудиовизуелно дело“поради што Советот за радиодифузија ќе го извести Министерството за внатрешни работи на Република Македонија – Центар за сузбивање на организиран и сериозен криминал.

СРД ја усвои Информацијата за уредени авторски и сродни права за емитувани ТВ интермеца и документарни емисии на сателитскиот телевизиски програмски сервис на ТРД 24 Вести ДООЕЛ – Штип, на ден 05.06.2013г. и 12.06.2013г., и донесе заклучок да се извести радиодифузерот дека не постои повреда на авторските и сродните права при емитувањето на содржините на кои се однесува Информацијата, со напомена дека во договорите со кои се обезбедуваат правата за емитување на било кој вид програми, вклучувајќи ги и прилозите кон нив, детално да се прецизира програмската содржина на која тие се однесуваат, на начин што освен насловот, ќе бидат назначени режисерот, продуцентот и годината на продукција.

Советот ја усвои Информацијата за отстранета недозволена медиумска концентрација кај Трговското радиодифузно друштво Канал 5 Плус од Скопје.



Accessibility

Accessibility