СКОПЈЕ, 22.10.2012. – На денешната седница, Советот за радиодифузија (СРД) ги разгледа извештаите од мониторингот на програмскиот сервис МТВ1 емитуван на 6 септември 2012 година и на програмскиот сервис МТВ2 и заклучи да ги изрече следниве мерки:
– писмена опомена за емитување прикриено рекламирање на МТВ 1 и укажување за недозволено спонзорирање на актуелно-информативна програма;
– писмена опомена со барање за објавување на МТВ2 поради емитување програма во термин којшто е несоодветен за малолетната публика.
До Советот за радиодифузија 3 трговски радиодифузни друштва – ТВ ГУРРА ДОО од Кичево, ХИТ РАДИО ДООЕЛ од Струмица и РАДИО РАВЕЛ ДООЕЛ од Скопје поднесоа барања за согласност за промена на сопственичката структура. Со оглед на тоа што не се создава недозволена медиумска концентрација, СРД заклучи да издаде одобрение за промена на сопственичката структура на наведените радиодифузери.
Во врска со барањето на Националниот демократски институт (НДИ) Советот заклучи да го поддржи НДИ во реализацијата на идејата за емитување телевизиски дебати со кандидатите за градоначалници на претстојните локални избори во март 2013 година. Дебатите би се емитувале во живо, на програмата на Македонската телевизија.