Хроника од 5-та седница
Скопје, 22.07.2025 – На петтата седница, Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги разгледа Кварталните извештаи за работата на Агенцијата за периодот од 1 април до 30 јуни 2025 година.
Усвоен беше Нацрт-деловникот за работа на Агенцијата. Документот ќе биде објавен на веб-страницата на Агенцијата, со цел да се овозможи јавна расправа во траење од 30 дена и вклучување на сите заинтересирани страни.
Исто така, беше усвоено Нацрт-упатството за изменување и дополнување на Упатството за потврдување на извештаите за емитувано платено политичко рекламирање. Во насока на транспарентност и консултација со јавноста, овој документ ќе биде достапен на веб-страницата на Агенцијата, со рок за јавна расправа од 45 дена.
Како дел од заложбите за уредување на новите медиумски појави, донесен е Правилникот за физичките лица даватели на аудиовизуелни медиумски услуги по барање (инфлуенсери/влогери/креатори).
По разгледување на Писмен извештај за извршен редовен програмски надзор, на ТРД ТВ КАНАЛ ФЕСТА ДООЕЛ Куманово му беше изречена мерка јавна опомена поради прекршување на член 92 ставови 1 и 3 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Утврдена е неусогласеност во емитувањето на македонски аудиовизуелни дела на 3 јуни 2025 година, со обврска да го усогласи своето работење во рок од 20 дена од приемот на Решението.
Идентична мерка беше изречена и на ТРД ТЕЛЕВИЗИЈА ПЛУС ДОО Куманово, врз основа на истиот член од Законот и за истата дата на надзор. Обврската за усогласување на програмата важи во истиот рок и под исти услови.
Советот даде одобрение директорот на Агенцијата да донесе Одлука за отпис на долг од сметководствената евиденција за следниве правни субјекти: ТРД Телевизија СИТЕЛ 3 ДООЕЛ Скопје, ТРД АБ КАНАЛ ДООЕЛ Скопје, ТРД К ТРИ ТЕЛЕВИЗИЈА ДООЕЛ Куманово, ТРД БМ-ТВ КАНАЛ ВИЗИЈА ДОО Скопје, ТРД РАДИОБРАВО ДООЕЛ Куманово, ТРД Зоран Здравковиќ МХ-РАДИО Охрид ДООЕЛ, КТВ ПЕШНА увоз-извоз ДООЕЛ Македонски Брод, и HD European Consulting Group DОО Белград.
Одобрение беше дадено и за спроведување на постапка за јавна набавка – услуга за адаптивно и превентивно одржување на Системот за електронски регистар на јавни комуникациски мрежи.
Дополнително, одобрени се средства за обновување на четири кориснички пристапи до електронската база на прописи на „Службен весник на Република Северна Македонија“ за наредниот дванаесетмесечен период.
Со овие одлуки, Советот продолжува со спроведување на законските надлежности и зајакнување на регулаторната функција на Агенцијата.