Хроника од 53-та седница

СКОПЈЕ, 14.11.2012-  На денешната седница, Советот за радиодифузија ги разгледа извештаите од еднодневниот мониторингот на 6 радио програмски сервиси емитувани на 5 октомври 2012 година – Првиот програмски сервис на МРА, Вториот програмски сервис на МРА, Третиот Програмски сервис на МРА, РА Рос Метрополис, РА Канал 77 и РА Антена 5 и извештаите од еднодневниот мониторинг на 4 локални телевизиски сервиси – ТВ Чеграни и ТВ ДУЕ од Гостивар, емитувани на 10 октомври 2012 година и на ТВ Арт од Тетово, емитуван на 13 октомври 2012 година и ТВ Кисс од Тетово, емитуван на 12 октомври 2012 година.

На програмата на Првиот, Вториот и Третиот програмски сервис на МРА, РА Рос Метрополис и РА Канал 77 не се забележани прекршувања на одредбите од Законот за радиодифузната дејност и подзаконските акти.

За прекршувањата констатирани на другите програмски сервиси, Советот заклучи да ги изрече следниве мерки:

–    на РА Антена 5 писмена опомена за неозначување и неиздвојување на рекламите од другите делови на програмата со акустички средства;

–    на ТВ Чегране писмена опомена  за неозначување на програмите пред почетокот со акустично и визуелно предупредување за малолетната публика и неемитување постојано визуелно предупредување во текот на програмата; времена забрана за рекламирање и телешопинг од еден ден за надминување на лимитите за рекламирање во текот на еден реален час и писмена опомена  за неозначување и неиздвојување на рекламите од другите делови на програмата со акустички средства;

–    на ТВ Арт од Тетово писмена опомена за неозначување на програмите пред почетокот со акустично и визуелно предупредување за малолетната публика и неемитување постојано визуелно предупредување во текот на програмата  и укажување за емитување програми непреведени на албански јазик;

–    на ТВ Кисс од Тетово писмена опомена за неозначување на програмите пред почетокот со акустично и визуелно предупредување за малолетната публика и неемитување постојано визуелно предупредување во текот на програмата и укажување за емитување прикриено рекламирање;

–    на ТВ Дуе од Гостивар писмена опомена за емитување програма во термин несоодветен за малолетната публика; писмена опомена за неозначување на програмите во текот на нивното времетраење и  писмена опомена за неисполнување на обврската за емитување најмалку 30% програма изворно создадена на албански јазик.

Советот донесе Правилник за начинот на уништување на документите, како и за начинот на уништување, бришење и чистење на медиумот во Советот за радиодифузија и Упатство за начинот на водење евиденција за лица овластени за вршење обработка на лични податоци и за водење евиденција за пренесување медиуми надвор од работните простории на Советот, по претходно прибавено мислење од Дирекцијата за заштита на лични податоци.

За непочитување на обврските од член 20 од Законот за радиодифузната дејност, Советот им изрече мерка писмена опомена на две радиостаници: на РА Ди-Џеј од Струга за необјавување на податоците за работењето во еден дневен весник и на сопствената програма и за недоставување на податоците за економското работење во претходната година и на РА Енергу од Струга за недоставување на податоците за економското работење во претходната година.

Советот го усвои Конечниот извештај за извршената ревизија врз менаџментот и структурата на контролите на ИПА групата назначени во Советот за радиодифузија и заклучи Извештајот откако ќе се преведе на англиски јазик да се достави до Делегација на Европската унија и до CFCD при Министерството за финансии.

Советот го разгледа Извештајот од анализата на серијалот „Тудорите“, емитуван на програмскиот сервис ТВ Канал 5 и го усвои мислењето дека е препорачливо серијалот да се прикажува со ознака 12+, меѓутоа доколку има засилен интензитет на проблематични сцени со насилство и со еротски/сексуални односи, проблематичните епизоди да се поместат во термин по 22 часот со класификациска ознака за Четврта категорија програма.

Со оглед на тоа што не се создава недозволена медиумска концентрација, Советот заклучи да издаде одобрение за промена на сопственичката структура на ТРД Радио Кавадарци ДОО Кавадарци.



Accessibility

Accessibility