Скопје, 30.07.2025 – На шестата седница одржана на 29.07.2025г., Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги донесе повеќе одлуки и заклучоци врз основа на спроведени редовни програмски и административни надзори, како и во рамките на своите надлежности за издавање дозволи и одобрување јавни набавки.
Мерка јавна опомена беше изречена на ТРД ТВ УСКАНА МЕДИА ДООЕЛ Кичево поради прекршување на член 64 став 1 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Овој радиодифузер емитуваше реклама изворно на англиски јазик, без да обезбеди превод на македонски или албански јазик. Обврската за усогласување со законските одредби треба да се исполни во рок од 10 дена од приемот на Решението.
Втората јавна опомена изречена на ТРД ТВ УСКАНА МЕДИА ДООЕЛ Кичево, е поради непочитување на член 92 ставови 1 и 3 од ЗААВМУ. Радиодифузерот не обезбедил најмалку 30% програма изворно создадена како македонски аудиовизуелни дела, ниту пак најмалку половина од овој минимум бил емитуван во терминот од 7:00 до 19:00 часот. Усогласувањето е задолжително во рок од 20 дена од приемот на Решението.
ТРД ТВ КАНАЛ ФЕСТА ДООЕЛ Куманово доби јавна опомена за прекршување на член 51 став 1 од истиот закон. Надзорот утврди дека медиумот не ги обезбедил задолжителните информации за корисниците. Рокот за усогласување со прописите изнесува 20 дена.
Со посебна одлука, на ТРД БУБА МАРА Ранко ДООЕЛ Скопје му беше доделена дозвола за радио емитување на програмски сервис од музички, специјализиран формат, со до 5% говорни содржини на македонски и српски јазик. Радио програмата ќе се емитува на подрачјето на општина Прилеп, на фреквенција 90.3 MHz, доделена од Агенцијата за електронски комуникации.
Дополнително, одобрение беше дадено за спроведување на постапка за јавна набавка – услуга: одржување на компјутерска и друга ИКТ опрема, согласно со Годишниот план за јавни набавки и финансиските средства предвидени со Финансискиот план за 2025 година.