Хроника од 7-та седница

Скопје, 18.02.2025г.  – Советот на Агенцијата покрена 8 (осум) постапки за одземање дозволи поради неплатен годишен надоместок за дозвола за радио и телевизиско емитување. Радиодифузерите, Алфа ТВ – Скопје, ТВ МТМ – Скопје, ТВ Шутел – Скопје, ТВ Кочани-ЛД, ТВ Калтрина – Струга, Галакси-2002 Кавадарци, РФМ – Скопје и Џез ФМ – Скопје, имаат рок од 15 дена да ја подмират обврската.

Советот изрече мерка јавна опомена за непочитување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги на ЈРП Македонска телевизија Скопје – МРТ3, за прекршување на член 51 став 1, затоа што на 8 јануари 2025 година, не ги обезбеди информациите што треба да им се направат достапни на корисниците.

Советот заклучи против ТРД КОМПАНИ 21-М ДООЕЛ Скопје да поведе прекршочна постапка пред надлежниот суд, бидејќи со контролниот програмски надзор е констатирано дека во програмскиот сервис на наведениот радиодифузер на 11 декември 2024 година, на државно ниво, радиодифузерот не постапил по Решението за изрекување мерка – јавна опомена, односно со неправилна примена на сигнализацијата за втора категорија програма (8+), се емитувани премиерните и репризиранитe епизоди од играниот серијал “I egri (Yabani)” и премиерната епизода од играниот серијал “Jetë të thyera (Kırık hayatlar)”, што е спротивно на член 50 став 3 од ЗААВМУ и на членовите 20 и 21 од Правилникот за заштита на малолетните лица.

Воедно, Советот донесе и Одлука со која дозволи промена во сопственичката структура на ТРД Плус Форте ДООЕЛ Тетово. Со предложените промени на сопственичката структура на ТРД Плус Форте ДООЕЛ Тетово, не се создава недозволена медиумска концентрација во смисла на ЗААВМУ, односно оваа промена не е спротивна на забраната од членовите 34, 35 став 2 или 38 од истиот Закон.

Покрај тоа, Советот на Агенцијата даде одобрение директорот на Агенцијата да ги спроведе постапките за јавни набавки на: закуп на простор за објавување огласи во дневни весници и ИКТ опрема.

Одлуките ќе бидат јавно достапни на avmu.mk/oдлуки-акти-од-седница-бр-7-од-18-02-2025/

 

 



Accessibility

Accessibility