Скопје, 06.03.2024 – На 8та седница која се одржа на 01.03.2024г. и нејзиното прво продолжение кое се одржа на 04.03.2024г. Советот на Агенцијата, поради неисполнување на обврската од член 80 став 5 од ЗААВМУ, односно неплаќање на годишниот надоместок за дозвола, покрена постапка за одземање на дозволата за радио емитување на ТРД Радио ПРО-ФМ ДОО Гостивар. Воедно, донесе три Решенија за запирање на покренати постапки за одземање на дозволата за радио и телевизиско емитување на Радио ВАЛАДОВО, РФМ Скопје и Телевизија КОЧАНИ ЛД.
Поради неисполнување на обврската од член 80 став 5 од ЗААВМУ, односно неплаќање на годишниот надоместок за дозвола, Советот на Агенцијата донесе Одлуки за одземање на дозволи за радио емитување на Радио АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ Кичево, ТДР Радио Ускана-Плус Кичево и Радио ХИТ ФМ Скопје. Поради исполнување на законската обврска во целост, Советот на Агенцијата донесе Одлука со која се поништи Одлуката за одземање на дозволата за телевизиско емитување на ТРД Шутел ДООЕЛ Скопје.
Врз основа на констатации од редовен програмски надзор, Советот на Агенцијата донесе Решение за изрекување на мерка јавна опомена за Јавното радиодифузно претпријатие МАКЕДОНСКА РАДИОТЕЛЕВИЗИЈА Скопје – Македонска телевизија – Втор програмски сервис (МРТ2), за прекршување на член 92 став 1 од ЗААВМУ, односно, неемитување најмалку 40% програма изворно создадена како македонски аудиовизуелни дела.
Беше донесена и Одлука за давање согласност за промена и дополнување на повеќе од 20% од програмскиот концепт од дозволата за радио емитување, РТД РАДИО 99 ДООЕЛ Скопје, во однос на јазикот на емитување, односно покрај емитување програма на албански јазик, радиодифузерот да емитува програма и на турски јазик. и да се зголеми обемот на сопствена програма.