Скопје, 05.09.2018 година – Во последните неколку дена, на повеќе телевизии и радија се емитуваат реклами од кампањата „Замисли иднина заедно“ на Делегацијата на Европската Унија во пресрет на Референдумот од 30 септември. Рекламните спотови не се јасно одвоени од другите содржини на медиумите, не се означени како платена јавна пропаганда, а во нив учествуваат и малолетници. Потсетуваме дека платената јавна пропаганда согласно Упатството за медиумско претставување за време на референдум од 17 август 2018 година, треба:
– да се емитува во дополнителните 9 минути на реален час кои се исклучиво наменети за платена јавна пропаганда за референдумот, а не во редовното време за емитување реклами од 12 минути;
– јасно да се одвои од програмите и од другите рекламни пораки на радиодифузерите и видливо да се означи како платена јавна пропаганда;
– да се емитува со јасно означен нарачател за целото времетраење.
Во платената јавна пропаганда не смеат да учествуваат малолетници и таа не смее да се емитува во текот, непосредно пред и по емисиите чија примарна целна група се деца и/или младинци. Исто така, не смее да се емитува во вести, посебни информативни емисии, како и за време на директни преноси од верски, спортски, културни, забавни и други настани.
Агенцијата очекува сите радиодифузери во најкус рок да го усогласат емитувањето на рекламите од оваа кампања со регулативата.