СКОПЈЕ, 26 август 2009 – Налози за исклучување на четири странски телевизии од мрежите на кабелските оператори од внатрешноста на Македонија, поради неуредени авторски права – ова е резултатот од мониторингот што го спроведе Советот за радиодифузија врз програмите што ги реемитуваат кабелските оператори.
Мониторингот спроведен во сите поголеми населени места надвор од Скопје утврди нелегално реемитување на телевизиските канали ХРТ2, ПинкМувис, ХБО, РТЛ Хрватска низ мрежите на кабелските оператори, по што Одделението за борба против пиратеријата во Советот за радиодифузија им наложи итно исклучување на нелегалните содржини.
“Оние кабелски оператори, коишто ги немаат уредено авторските и сродните права за сите аудио-визуелни сервиси ќе мораат да ги уредат или во спротивно, ќе им биде наложен неодложен прекин на нивното реемитување. Ова се однесува на сите содржини, без разлика дали се вклучени во аналогни или дигитални пакети на реемитување.” – рече претседателот на Советот за радиодифузија, Зоран Стефаноски.
Советот за радиодифузија на сите оператори на јавни комуникациски мрежи, кај кои констатираше повреда на законските норми им даде рок до крајот на август до Советот да достават доказ за уредени авторски права. Во спротивно од 1 септември ќе ги активира законски пропишаните санкции.