1

18.05.2010г. СРД ги повикува радиодифузерите да ги почитуваат програмските стандарди за да се спречи појава на говор на омраза

СКОПЈЕ, 18.05.2010 – Советот за радиодифузија (СРД) е загрижен од најновите случувања кај електронските медиуми, коишто вклучуваат и елементи што ги нарушуваат програмските стандарди и би можеле да доведат и до појава на говор на омраза.

Земaјќи ги предвид стандардите на Советот на Европа за говорот на омраза, анализите на СРД констатираа дека во Македонија не постои класичен говор на омраза, туку постојат елементи кои ги нарушуваат програмските стандарди и на моменти придонесуваат за нарушување на професионалното новинарско работење кај одредени радиодифузери. Во таа насока СРД, како давател на дозволата за вршење радиодифузна дејност, ги потсетува електронските медиуми, нивните сопственици, управители, главни уредници и новинари доследно да се придржуваат до професионалните програмски и новинарски стандарди, согласно Законот за радиодифузната дејност и обврските од дозволата. Истовремено, ги повикува да се воздржат и оградат од какви било облици кои предизвикуваат атмосфера на линч и повици на исклучивост и креирање и објава на листи на неистомислениците.

СРД и понатму будно ќе је следи состојбата во радиодифузијата и согласно неговите законски надлежности одлучно ќе дејствува во насока на почитување на програмските стандарди и спречување на секаков вид прекршувања на Законот за радиодифузната дејност. СРД истовремено ги повикува и сите други надлежни институции и организации да застанат цврсто во одбрана на професионалните медиумски стандарди, на основното демократско начело – слобода на говорот и печатот и правото на поинакво мислење.