11.06.2010г. Прекршочни и кривични пријави за кабелските оператори, што ги прекршуваат авторските права

СКОПЈЕ, 11 јуни, 2010 – Советот за радиодифузија (СРД) на денешната седница одлучи на 11 кабелски оператори да им издаде налози за исклучување на телевизиски сервиси со нерегулирани авторски и сродни права. Против оние кабелски оператори, кои не постапиле по претходните налози за исклучување на нелегалното реемитување на програмски сервиси, СРД одлучи да поведе прекршочни и кривични постапки.

СРД кривично ќе ги гони следните кабелски оператори: БТВ – Битола (МиксНет), Кале 2001 ДООЕЛ Кичево, Пела Дигитал 2008 ДООЕЛ Струга, Роби-Моби Битола, ТЕЛЕНЕТ КОМ ДОО Тетово.

СРД повикува и на почитување на ексклузивните права на Македонската радиотелевизија (МРТ) за пренос на Светското фудбалско првенство: „Ги повикуваме операторите на јавни комуникациски мрежи, во интерес на почитување на екслузивните права на Македонската радиотелевизија за емитување на директни преноси и репризи од натпреварите на Светското фудбалско првенство, што се одржува во Јужна Африка, во времето од 11 јуни до 11 јули 2010 година, да ги затемнуваат оние странски програмски сервиси,  застапени во нивните програмски пакети,  во времето кога тие ќе емитувааат  директни преноси и репризи од натпреварите на Светското фудбалско првенство.“ – рече претседателот на СРД, Зоран Стефаноски.

Исто така, Советот за радиодифузија ги потсетува 35–те кабелски оператори на кои им се раскинати договорите за реемитување на телевизиските програмски сервиси на РТВ – Пинк (Пинк Плус, Пинк Музика и Пинк Фолк), да ги исклучат тие програмски сервиси од своите програмски пакети.

Секое прекршување на законските одредби од страна на радиодифузерите и операторите на јавни комуникациски мрежи СРД ќе го санкционира согласно Законот за радиодифузната дејност и останатите закони, што ја регулираат оваа материја.



Accessibility

Accessibility