1

12.08.2010г. СРД ги верификуваше мандатите на двајцата нови члена, Алма Машовиќ и Борис Арсов

СКОПЈЕ, 12 август 2010 – Советот за радиодифузија (СРД) на последната седница ги верификуваше мандатите на двајцата нови членови, м-р Алма Машовиќ дипл. маш. инг. и м-р Борис Арсов дипл. ел. инг. со што СРД сега работи во полн состав.

Напредокот во спроведувањето на дигитализацијата на аналогниот радиодифузен сектор во земјата и создавањето на одржлив медиумски пазар ќе бидат во фокусот на работата на м-р Борис Арсов дипл. ел. инг., кого Собранието неодамна го избра за член на СРД: „Продолжување на дигитализацијата, особено во доменот на јавната радиодифузија, поттикнување на развојот на содржини за новите технологии и воведување поголема транспарентност во медиумската сопственост – во оваа насока ќе биде придонесот што ќе го дадам како член на СРД. Еден од приоритетите секако се и евроинтегративните процеси и лично ќе се грижам за доследно спроведување на европските стандарди во медиумскиот сектор.“ – рече м-р Арсов, по верификацијата на мандатите на новите членови.

СРД го верификуваше и мандатот на м-р Алма Машовиќ дипл. маш. инг. како нов член на СРД: „Слободата на говорот и медиумите, што е уставно загарантирана категорија, секогаш мора да се негува и унапредува. Иако медиумите претежно се со приватен капитал, тие имаат јавна одговорност – оттаму и важноста за нивно афирмирање како општествена алатка за ширење толерација, взаемно почитување и пред се’ како форум за општествен дијалог и размена на различни ставови и прашања од интерес за сите и натамошна демократизација на земјата.  Овде ја гледам европската иднина на нашиот медиумски пејзаж.“ – нагласи м-р Машовиќ.

Вкупниот број на членови на СРД е 9. Двајцата нови членови се со мандат од шест години. Официјални предлагачи за членови на СРД се: МАНУ, Интер-универзитетската конференција, мнозинското здружение на новинари во земјата и Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на РМ.