08.10.2010г. СРД официјално прогласен во Белград за домаќин на следниот состанок на ЕПРА

БЕЛГРАД, 8.10.2010 – Советот за радиодифузија (СРД) на Република Македонија е официјално прогласен за домаќин за следниот пролетен состанок на Европската платформа на регулаторни тела (ЕПРА) што ќе се одржи од 25-28 мај 2011 година во Охрид.

(Слика: од лево кон десно: Претседателот на СРД, Зоран Стефаноски, членот на СРД, академик Бојан Шоптрајанов и заменик претседателот на СРД Милаим Фетаи)

 

На годинашниот есенски состанок на ЕПРА, што се одржа во Белград учествуваше  делегација од СРД, предводена од претседателот на СРД, Зоран Стефаноски, кој на крајот на работната сесија преку прикажување на видео презентација за Македонија ги покани сите европски регулаторни тела за медиуми  следниот 33-ти состанок на ЕПРА да дојдат во Македонија: „Сега, во името на македонскиот Совет за радиодифузија би сакал сите да Ве поканам да дојдете на следниот состанок на ЕПРА, што овојпат ќе се одржи во Охрид, градот на светлината.“ – рече Стефаноски.

 

Членувањето во ЕПРА е доказ дека СРД работи како вистински независно регулаторно тело за електронски медиуми. Оттаму и довербата на ЕПРА што му ја даде на СРД да биде домаќин на преку 52 регулаторни тела од цела Европа.

 

Инаку, ЕПРА е основана 1995 година во Малта, а седиштето е во Стразбур. Постојани набљудувачи се Европската комисија и Советот на Европа. Оваа платформа е основа за дискусија за сите прашања и предизвици од сферата на радиодифузијата и служи како форум на кој се разменуваат и искуства и најдобри практики меѓу земјите-членки. СРД е член во ЕПРА од 1998 година и е примен со уставното име како „Совет за радиодифузија на Република Македонија“.

Повеќе информации за ЕПРА можете да најдете на: www.epra.org



Accessibility

Accessibility