СКОПЈЕ 27.10.2010 – СРД испрати реакција до Претседателот на Собранието на Република Македонија и до Советот на Собранискиот канал поради последното прекршување на Законот за радиодифузната дејност.
На 24 и 25 октомври како и повеќепати претходно СРД констатираше прекршување на законот, поради тоа што на Собранискиот канал, освен содржини што се однесуваат исклучиво на активностите на Собранието, се вршат и повеќечасовни преноси од седници на Владата на Република Македонија.
Досега СРД неколку пати побара од Јавниот радиодифузен сервис – Македонската радиотелевизија (МРТ) – да ги почитува одредбите од Законот за радиодифузната дејност, зашто со ваквата практика може да ги доведе во прашање основните функции на Јавниот радиодифузен сервис. МРТ законски е обврзана да го остварува јавниот интерес преку заштита на програмите што се произведуваат од какво било влијание на власта, политички организации и центри на економска моќ.