28.03.2011г. СРД го усвои Извештајот за работа за 2010 година.

СКОПЈЕ 28.03.2011–  Денеска Советот за радиодифузија (СРД) го усвои  Извештајот за работење за 2010 година.

Во 2010 година СРД работеше во полн состав. По истекувањето на мандатот на тројца членови на СРД, Собранието на РМ ги избра м-р Милаим Фетаи, м-р Алма Машовиќ и м-р Борис Арсов за нови членови. На седница на Совет, м-р Милаим Фетаи беше избран за заменик претседател.Главна активност на СРД и во оваа извештајна година беше надзорот врз програмите на радиодифузерите и врз остварувањето на обврските на операторите на јавни комуникациски мрежи, при што  беа реализирани повеќе анализи на програмите на Јавниот радиодифузен сервис.

Во текот на извештајниот период, СРД одржа 23 редовни седници и 4 јавни седници, за кои што јавноста беше информирана преку веб страницата на СРД, која што редовно беше ажурирана и со соопштенија и известувања за активностите на СРД на македонски, албански и англиски јазик. Беа објавени и програмата за работа и финансискиот план на Советот, сите правилници, упатства, препораки, одлуки, анализи,  резултати од спроведените мониторинзи, мерките преземени против прекршителите на законските и договорните обврски, печатените изданија на Советот, актуелни документи, конвенции, директиви, препораки и упатства на Европската Унија и Советот на Европа .

Управата за јавни приходи доби овластување да ја наплатува радиодифузната такса со извршените измени и дополнувања на Законот за радиодифузна дејност. Со цел да се надминат другите недоречености и недоследности во ЗРД, СРД достави Предлог- инцијатива за измени и дополнувања на ЗРД, каде што СРД партиципираше и во работната група.  Исто така, Советот имаше иницијативи и за изменување на Изборниот законик, Законот за авторско право и сродни права, како и Законот за заштита на потрошувачите. Бидејќи постојната законска и подзаконска регулатива не беше доволна да обезбеди ефикасност во поглед на заштитата на интелектуалната сопственост, беше склучена спогодба за заедничко постапување со Координативното тело за интелектуална сопственост при Владата на Република Македонија, Управата за јавни приходи и крим-полицијата во МВР. Оваа иницијатива даде одлични резултати во справувањето со пиратеријата во областа на радиодифузијата.

СРД   реализираше и повеќе работилници со медиумите поврзани со правилата за заштита на малолетната публика. Тие, заедно со бројните укажувања упатени до радиодифузерите, резултираа со зголемена свесност кај нив за потребата од категоризација и класификација на програмите.

Во текот на 2010 година продолжи соработката со повеќе домашни, странски и меѓународни регулаторни тела, институции и организации. СРД  на Република Македонија како следен домаќин на 33-та средба на Европската платформа на регулаторни тела (ЕПРА), планирана за мај 2011 година во Охрид, на состанокот на ЕПРА во Белград, Србија, презентираше видео разгледница за Македонија и за Охрид како престолнина на кутурата низ вековите.

За детални информации, целиот документ можете да го најдете тука.



Accessibility

Accessibility