29.03.2011г. Во присуство на претставници од медиумите СРД на јавна седница ги претстави новините што ќе ги донесе новиот закон за електронски медиуми

СКОПЈЕ, 29 март 2011 – Како ќе влијае пренесувањето на европската директива за аудио-визуелните медиумски услуги врз медиумските компании во Р. Македонија беше темата на денешната јавна седница на Советот за радиодифузија, што се одржа во присутво на голем број претставници од медиумите во земјава.
СРД како еден од учесниците во работната група за подготовка на новиот закон за електронски медиуми, преку сопствен концепт даде придонес во обликувањето на програмските стандарди, што ќе бидат дел од новото законско решение. Работната група на СРД во оваа првична фаза на изработка на законот изготви драфт верзија на еден негов дел, којашто е ставена на увид на медиумите.

Европската директива, преточена во нов закон за електронските медиуми, се очекува да создаде простор за развој на нови медиумски платформи и нелинеарни медиумски содржини како и да либерализира одредени сегменти во сферата на рекламирањето и комерцијалните комуникации.

 

Слика: СРД на јавната седница ги претстави новините што ќе ги донесе новиот закон за електронски медиуми

 

Сепак, главната цел на новиот закон, според претседателот на СРД, Зоран Стефаноски, е да ја унапреди слободата на медиумите во земјата: „Овој закон треба да биде закон, кој ќе им овозможи на медиумите, пред се’ слободно известување, кој ќе им овозможи на медиумите да бидат навистина независни и од центрите на економска моќ и од центрите на политичка моќ.“ Претседателот Стефаноски на претставниците од медиумите им осигури вклученост и транспарентност во подготвувањето на новиот закон во сите негови фази.

Раководотелот на Секторот за програмски работи, Емилија Јаневска, подетално ги објасни реформите на регулацијата на комерцијалните комуникации, како што е воведувањето на „пласирањето производи“, што досега се третираше како прикриено рекламирање, потоа можноста за виртуелно рекламирање, интерактивното рекламирање кај интерактивните платформи итн.

Концепт-документот СРД и официјално го достави до Министерството за транспорт и врски, како надлежно министерство за изготвување на новиот закон за електронски медиуми. СРД и понатаму активно и конструктивно ќе учествува во работната група, којашто го подготвува новиот закон.

 



Accessibility

Accessibility