07.09.2011г. СРД изразува загриженост за самоволното прекинување на програмата на сателитската телевизија АЛБ

СКОПЈЕ, 7 септември, 2011 – Мониторингот на Советот за радиодифузија (СРД) утврди дека сателитската телевизија АЛБ (Друштво за телекомуникации и радиодфузија АЛБ ТВ 2010) на албански јазик од 23 август, 2011 година самоволно престанала да емитува програма, без да го информира СРД.

СРД веќе подолго време се обидува да стапи во контакт со претставници на телевизијата за да ги потсети за обврската за емитување програма од најмалку 12 часа на ден, но без успех. Екипа на СРД беше испратена на терен во објектот на АЛБ ТВ, но наиде на затворени врати.

Со оглед на тоа што ТВ АЛБ има дозвола за емитување програма на албански јазик на државно ниво, СРД изразува загриженост за самоволниот прекин на програмата, што би можел да резултира со одземање на дозволата, а што негативно би се одразило на јазичниот и културниот плурализам во македонскиот медиумски пејзаж.

Доколку АЛБ ТВ не емитува програма, ќе ја изгуби и дозволата. На седницата в понеделик (12 септември, 2011) членовите на СРД ќе ја разгледаат информацијата за работењето и исполнувањето на условите од дозволата АЛБ ТВ.



Accessibility

Accessibility