СКОПЈЕ, 18.04.2012 – Членовите на Советот за радиодифузија на денешната седница едногласно го избраа м-р Зоран Трајчевски за нов претседател на СРД по констатирањето на завршувањето на мандатите на тројцата поранешни членови, академик Али Алиу, проф. Томе Груевски и Зоран Стефаноски.
Во своето прво обраќање до јавноста како претседател на СРД, г. Трајчевски се осврна на задачите на идната реформирана македонска медиумска регулација: „На Македонија и’ е потребен медиумски поредок, кој како своја мисија ќе го има квалитативното унапредување на медиумскиот плурализам преку ползување на целата медиумска креативност, медиумски поредок, кој ќе ги унапредува професионалните новинарски стандарди, кој ќе мотивира на дебата, кој ќе му дозволи на уредничкиот кадар да наметнува теми за општествен дискурс – и на крајот, нам ни треба медиумски поредок, кој ќе му го гарантира правото на граѓанинот да биде објективно информиран.“
Оваа година СРД ја одбележува 15годишнината од своето постоење. Со ова СРД е најстарото регулаторно тело во Р. Македонија и едно од најстарите регулаторни тела за медиуми воопшто во регионот. Во однос на одбележувањето на 15годишнината г. Трајчевски додаде: „15годишниот јубилеј на македонското регулаторно тело за медиуми – Советот за радиодифузија – е добар повод за поставување на главните стратешки определби на идната медиумска регулација, а тоа се: решавање на конфликтите на интерес во медиумската сопственичка структура, разбивање на недозволените медиумски концентрации и збогатување на плурализмот преку дигитализацијата на радиодифузијата и промоцијата на новите технологии.“
Собранието на Р. Македонија во август 2011 го избра м-р Зоран Трајчевски за член на СРД со мандат од 6 години.