15.05.2012г. СРД на ТВ А2 и’ даде рок од 7 дена да ја усогласи програмата со форматот од дозволата

СКОПЈЕ, 15 мај 2012 – Советот за радиодифузија (СРД) на сателитската телевизија А2, и’ даде дополнителен рок од седум дена да ја усогласи емитуваната програма согласно со форматот, што е содржан во дозволата.

Последниот мониторинг што го изврши СРД на програмскиот сервис на А2, покажа дека овој радиодифузер сериозно отстапува од доделениот општ – претежно забавен програмски формат со што сериозно го повредува Законот за радиодифузната дејност, којшто предвидува одземање на дозволата. Мониторингот на СРД потврди дека над 90 насто од програмата на ТВ А2 се музички спотови, а недостигаат програми, што исполнуваат образовна и информативна функција.

Членовите на СРД за ова лично ги информираа и стечајниот управник на ТВ А2, Ацо Петров, како и управникот на телевизијата – Тони Николовски и им укажаа на законските последици од ваквата повреда на Законот за радиодифузната дејност.

Претходно, по извршените редовни мониторинзи на програмскиот сервис на А2 во коишто беа забележани сериозни отстапувања, СРД во неколку наврати и’ укажуваше на телевизијата на обврската за придржување до програмскиот формат од дозволата.



Accessibility

Accessibility