03.09.2012г. Претседателот на РМ, д-р Ѓорѓе Иванов денеска го посети СРД

СКОПЈЕ, 03.09.2012 – Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорѓе Иванов денеска  го посети Советот за радиодифузија (СРД) по повод одбележувањето на 15-годишниот јубилеј од основањето на СРД.

На средбата се разговараше за актуелните состојби во сферата на електронските медиуми како и за активностите на СРД.

„Помина еден период на разни предизвици и разни влијанија, така што Советот денес е навистина институција за почит и во тоа можев денеска да се уверам. За честитки е сето она што го постигна Советот за нашиот медиумски простор да биде регулиран и да функционира онака како што бараат европските стандарди и принципи. Како се одвиваат овие наши прилагодувања и реформи што ги бара ЕУ, така и Советот ќе си ја добива онаа вистинска улога што треба да ја има вакво тело во едно општество“ – истакна претседателот Иванов.

 

„СРД е најстарото регулаторно тело во нашата земја и несомнено во изминатите 15 години придонесе кон развојот на македонската демократија, во сферата на развојот на медиумите. Оттука, особена чест ни е што за 15-годишниот јубилеј не’ посети претседателот на Р. Македонија, д-р Ѓорѓе Иванов.“ – рече претседателот на СРД, м-р Зоран Трајчевски.

Претседателот Иванов во рамките на посетата се запозна и со процесот на спроведување на Законот за радиодифузната дејност како и со постапката за вршење мониторинг на програмите на радиодифузерите и на операторите на јавните комуникациски мрежи.



Accessibility

Accessibility