06.03.2013г. Соопштение до радиодифузерите дека во сила е Правилникот за рамноправен пристап во медиумското претставување за време на Локалните избори

image_pdfimage_print

о започнувањето на изборната кампања за Локалните избори 2013 година, во сила е Правилникот за рамноправен пристап во медиумското претставување за време на изборна кампања во кој се уредени сите прашања поврзани со обврската на радиодифузерите да им овозможат на организаторите на изборна кампања еднакви услови за пристап до сите облици на медиумско претставување.

Советот за радиодифузија ги потсетува телевизиите и радијата дека треба да ги почитуваат професионалните новинарски принципи и стандарди така што во вестите ќе обезбедат баланс во известувањето, а во дебатите, интервјуата и другите информативни програми – еднакви услови за учество. Доколку уредници, новинари, водители на програма и презентери се одлучат активно да се вклучат во нечија кампања, тогаш, нивниот ангажман во радиодифузерот треба да мирува.

Исклучително важно е медиумите да внимаваат да не бидат извори на говор на омраза и да водат сметка да не придонесат за негово понатамошно ширење. При известувањето за евентуалните појави на говор на омраза во дебатата меѓу политичките субјекти, иако одговорноста за ваквите изјави во крајна линија е на поединецот или политичкиот субјект кој ја дава изјавата, сепак медиумот треба да известува професионално, односно изјавaта да ја врамнотежи така што ќе обезбеди и спротивставено гледиште, ќе ја смести во соодветен контекст и јасно ќе покаже дека не ја поддржува.

Советот потсетува и на правилата за емитување платено политичко рекламирање: дека треба да биде соодветно и видливо означено како „платено политичко рекламирање“ за целото времетраење на емитувањето, нарачателот да биде јасно идентификуван, во него да не учествуваат малолетници, и да не се емитува во вести и други дневно-информативни програми, во детски, училишни и образовни програми, во директни преноси од верски, спортски, културни, забавни и други настани и во посебни информативни програми.

Советот, како и секогаш, спроведува мониторинг на медиумското покривање на изборната кампања на сите радиодифузери во Република Македонија и за констатираните прекршувања на изборната регулатива ќе постапи согласно своите законски надлежности.



Accessibility

Accessibility