05.02.2014г. Одржана прес-конференција на тема „Презентација на проектот за мониторинг на регионалните телевизии“

Скопје, 05.02.2014г. Агенцијата за аудио и aудиовизуелни медиумски услуги на Република Македонија, Министерството за информатичко општество и администрација и телекомуникацискиот оператор „ONE”, денес одржаа прес – конференција на која беше презентиран проектот за мониторинг на регионалните телевизии.

Со овој проект се овозможува сигналот на сите телевизиски програмски сервиси кои емитуваат програма на регионално ниво преку мултиплекс, директно да се прима во просториите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Со оптичкото поврзување на телекомуникацискиот оператор „ОНЕ“ со Агенцијата се обезбеди снимање на сите телевизиски програмски сервиси што се емитуваат преку дигиталниот терестријален мултиплекс на „ОНЕ“, и со тоа бројот на телевизиски сервиси што директно се примаат во просториите на Агенцијата се зголеми на 40 ТВ сервиси, што е повеќе од 60 отсто од вкупниот број на телевизии во Македонија” –изјави Претседателот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги д-р Зоран Трајчевски. Ова е само прва фаза од процесот на надградување на системот за снимање на Агенцијата, бидејќи како што рече Трајчевски неговиот капацитет и понатаму ќе се зголемува, пред сè преку проектот од Претпристапната помош на ЕУ – ИПА 2011.

Очекувањата од овој процес се, како што рече министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски, тој да ја зајакне професионалноста на македонските медиуми и да овозможи доследно почитување на програмските стандарди согласно законските начела.

Генералниот и извршен директор на „Оне„ го изрази своето задоволство од реализацијата на оваа активност, особено ако се има предвид дека таа беше навремено и успешно спроведена.

На присутните практично им беа презентирани системот за транскодирање, сегментирање, снимање и трансфер на регионалните телевизиски сервиси што емитуваат програма преку дигитален терестријален мултиплекс и софтверот за анализа на емитуваните програми на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.



Accessibility

Accessibility