1

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги организираше средба со претставници од младинските организации

Скопје 07.05.2014г. – На 7 мај, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги организираше консултации со претставници на младински организации, со што започна реализацијата на низата активностиод Програмата за работа за 2014 година поврзани со улогата на младите во медиумите. Ова е нова област во која се ангажира регулаторот, и е мотивирана од обраќањето на неколку младински организации кои, во текот на 2013 година, се интересираа за тоа како да се повлијае врз сликата за младите луѓе во медиумите. Со оглед на фактот дека станува збор за прашање што влегува во доменот на саморегулацијата, Агенцијата сака да помогне да се отвори дијалог меѓу медиумите и младинските организации. Затоа, за годинава предвиде консултации, истражување на ставовите на публиката и јавна дебата.

На консултациите учествуваа претставници на Коалицијата СЕГА, на Младинскиот образован форум, Младинската организација „Креактив“, ХОПС и на Волонтерскиот центар Скопје. Агенцијата, врз основа на прашањата што тие ги посочија, во своето редовно истражување на ставовите на публиката за радио и ТВ програмите, ќе дизајнира посебен дел кој ќе обезбеди сознанија за тоа каков е впечатокот на граѓаните за сликата што ја креираат медиумите за младите. Како финална активност, кон крајот на годината ќе се организира јавна дебата на тема „Младите и медиумите“ на која ќе бидат презентирани резултатите од ова и од други истражувања.

На консултациите присуствуваа и претставници на Агенцијата за млади и спорт, на која активностите на АВМУ би можеле да и бидат корисни при изработката на новата национална стратегија за млади.