Одржана работилница за Нацрт – програмата на Агенцијата за обезбедување достапност до медиумите на лицата со сетилна попреченост

Скопје, 06.04.2015г. – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, одржа работилница на која беше претставена Нацрт – програмата за обезбедување достапност до медиумите на лицата со сетилна попреченост.

Работилницата ja отвори Претседателот на Советот на Агенцијата г-дин Лазо Петрушевски, кој нагласи дека оваа активност не произлегува само од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, туку дека со оваа тема регулаторното тело се зафати уште во Стратегијата за развој на радиодифузната дејност во Република Македонија (2013 – 2017), каде предвиде низа активности.

На Нацрт – програмата работеше м-р Јелена Сурчулија Милојевиќ, експертката по медиумско право, со поддршка на д-р Снежана Трпевска, експертка за регулација на медиумите, обете ангажирани преку проектот „Зајакнување на административните капацитети на телата задолжени за телекомуникации и медиуми за ефикасно регулирање на новите дигитални и повеќенаменски услуги“, финансиран од страна на Европската комисија според ИПА рамката. На работилницата, тие го објаснија поширокиот контекст за ова прашање – почнувајќи од европската и македонската регулаторна рамка, преку практиките применети од други европски држави за обезбедување пристап на лицата со оштетен слух и вид до услугите на давателите на аудиовизуелни медиумски услуги, како и за најновите активности на Република Србија за обезбедување пристап на лицата со оштетен слух и вид до услугите на давателите на аудиовизуелни медиумски услуги.

На работилницата учествуваа претставници на националните телевизии, на организациите на лицата со сетилна попреченост, на министерства и вработените во Агенцијата. За текстот на нацрт – програмата ќе се отвори јавна расправа, за време на која ќе бидат лоцирани и другите релевантни чинители, од кои се очекува да придонесат во финализирањето на документот и во реализацијата на предвидените проекти.



Accessibility

Accessibility