Билатерална средба на Регулаторните тела за медиуми на Република Србија и Република Македонија

image_pdfimage_print

Скопје, 29.09.2015г. Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, беше домаќин на билатерална средба со претставници на Регулаторното тело за електронски медиуми на Република Србија. Целта на билатералната средба e проширување на меѓусебните односи и размена на искуства во областа на медиумската регулацијата.

Добредојде и пријатен работен состанок на присутните им посака д-р Зоран Трајчевски, Директор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој ги претстави присутните членови на Советот на Агенцијата и стручната служба.

Правилата за аудиовизуелни комерцијални комуникации во делот на пласирање производи и спонзорствo, правилата за заштитата на малолетните лица и можноста за нивна усогласенa примена во Република Македонија и Република Србија, како и начинот на доделување дозволи и надоместоците за дозволи за телевизиско емитување и процесот за регистрација на странските канали на кабелските оператори, беа темите на разговорите помеѓу двете регулаторни тела.

Во фокусот на разговoрите најмногу се стави акцент на изнаоѓање решение за клучните проблеми, што ги констатира Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во текот на мониторирањето на емисиите кои се по потекло од Република Србија, а ги пренесуваат македонските радиодифузери. Тие најчесто се однесуваат на пласирање производи и спонзорството, односно неозначување на програмите со пласирани производи и спонзорство, нагласено промовирање или препорачување со кое директно се поттикнува користење или купување на производи или услуги, пречесто прекинување на програмите за означување на спонзорите со што тие добиваат прекумерна видливост и сл.

Во насока на заштита на малолетната публика разгледани беа облиците на визуелно предупредување и можноста исти програми да се означуваат со знаци за различни категории во различни држави, како и разликите помеѓу периодите во кои е дозволено да се емитува програма од одредена категорија. Беа споменати и реалните шоу програми, при што и двете страни заеднички констатираа дека некои од нив се со содржина која има негативни импликации врз малолетната публика.

Преставниците на обете регулаторни тела посочија дека досегашната соработка меѓу двете земји во областа на медиумската регулација е на високо ниво, но и дека сеуште има простор за нејзино унапредување и продлабочување.



Accessibility

Accessibility