Реакција за негативните кампањи на политичките партии

Скопје, 18.12.2015г. – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, врз основа на претставки и реакции, ги прегледа содржините на повеќе спотови платено политичко рекламирање нарачани од ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, кои деновиве се емитуваат на програмите на радиодифузерите.

Неколку од спотовите претставуваат негативна кампања чија цел е да се дискредитира другата партија, во нив не се почитува човековото достоинство, се вршат негативно врамување и стереотипизации и се пласираат лични напади против политичките фигури во обете партии. Агенцијата, до Основното јавно обвинителство – Скопје ги испрати спотовите „Со гласот за ВМРО-ДПМНЕ ти стануваш соучесник во овие злодела!“ (нарачател СДСМ) и „Виткање кичма или државен интерес“ (нарачател ВМРО-ДПМНЕ), а радиодифузерите ги потсетува дека самостојно одлучуваат што ќе емитуваат на своите програмски сервиси, односно дека имаат право да одбијат да емитуваат содржини кои се спротивни на начелата за вршење на дејноста и на правилата за аудио и аудиовизуелни комерцијални комуникации.

Агенцијата сака да посочи дека:

  • Согласно член 53 став 6 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги „за веродостојноста и точноста на тврдењата и податоците во аудиовизуелните комерцијални комуникации е одговорен нивниот нарачател, а за нивната усогласеност со закон одговорниот уредник во давателот на аудиовизуелната медиумска услуга“;
  • Платеното политичко рекламирање е опфатено со членот 10 од Европската конвенција за човекови права, односно, тоа е заштитено со правото на слобода на изразување, но истовремено и подложно на „одредени формалности, услови, ограничувања или казни кои се пропишани со закон и неопходни во едно демократско општество,“ (член 10 став 2 од ЕКЧП);
  • Декларацијата за слобода на политичката дебата во медиумите усвоена од Комитетот на министри на Советот на Европа на 12 февруари 2004, утврдува дека во слободната политичка дебата во едно демократско општество, медиумите имаат право да пренесуваат „негативни информации и критички мислења во врска со политичките фигури и јавните службеници“, а политичките фигури со тоа што одлучиле да ја побараат довербата на јавноста прифатиле дека потенцијално ќе бидат изложени „на големи и силни јавни критики преку медиумите во однос на начинот на кој ги извршуваат своите функции“;
  • Согласно практиката на Европскиот суд за човекови права секое ограничување на слободата на изразување мора да го помине т.н. трипартитен тест, односно: да е пропишано со закон, да има легитимна цел и да е неопходно во едно демократско општество.

Имајќи го сето ова предвид, Агенцијата потенцира дека:

  • За платеното политичко рекламирање важат правилата пропишани во член 53 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, меѓу кои спаѓаат и забраните од став 4, согласно кои рекламирањето не смее:
  • да го доведува во прашање почитувањето на човековото достоинство, и
  • да вклучува или промовира каква било дискриминација врз основа на пол, раса, етничка припадност, националност, вера или уверување, инвалидитет, возраст или сексуална ориентација.
  • Освен ова, за платеното политичко рекламирање важи и посебната забрана од член 48 став 1 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги согласно која: „Аудио и аудиовизуелните медиумски услуги не смеат да содржат програми со кои се загрозува националната безбедност, се поттикнува насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија, се повикува на воена агресија или на оружен конфликт, се поттикнува или шири дискриминација, нетрпеливост или омраза врз основа на раса, пол, религија или националност“.


Accessibility

Accessibility