Скопје 07.04.2016 – Денес, во Скопје, се одржа Последователна конференција на ”Speak up” конференцијата, како дел од поддршката од Европската унија за слободата на говорот и слободата на изразувањето.
Конференцијата ја отвори Шефот на делегацијата на ЕУ во Македонија, г. Аиво Орав, којшто во своето обраќање ја потенцираше важноста на слободата на изразување, улогата на медиумите и предизвиците за избалансирано и фер известување, транспарентноста на финансирањето на медиумите, постигнувањето на европските стандарди во медиумската сфера коишто се вистински предизвик за повеќето земји од регионот. Исто така, тој истакна дека Европската унија продолжува да ги поддржува медиумските реформи во земјата како што беа неодамна доделените грантови за седум граѓански организации и набавката на опрема за Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за систем за мониторинг на медиумски содржини.
Во рамките на конференцијата, излагање имаа претставници и експерти од областа на медиумите, граѓански и невладини асоцијации кои говореа за одговорноста на медиумите како заштитник на човековите права, демократијата и јавниот интерес за улогата на различните чинители: асоцијации на медиумите, граѓанските организаци, новинарите, синдикатите и образованите институции.
Во ова прилика директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги д-р Зоран Трајчевски, говореше за улогата на регулаторот во заштитата на човековите права и медиумите. Тој посочи дека работата на регулаторното тело се одвива во два правци: од една страна се едукативните активности и од другата страна надзорите и постапувањата против медиумите.
– Зголемувањето на професионалните стандарди во медиумите е процес и не може да се случи преку ноќ ниту пак тоа може да го направи само реулаторот. Потребни се активности на повеќе субјекти: прво, од страна самите медиуми, од образованието, здруженијата на новинари, граѓанските и професионалните организаци што делуваат во сферата на медиумите итн…“ истакна Трајчевски.
На конференцијата беше претставен и почетокот на ЕУ проектот “Медиумска писменост во ера на наплив на информации: основање на Македонска коалиција за медиумска и информациска писменост“ чија цел е да ја промовира медиумската писменост во земјата.