Агенцијата започнува со мониторинг на медиумското известување за Предвремените парламентарни избори

image_pdfimage_print

Скопје, 15.04.2016г. – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги од денес започнува со мониторингот на медиумското известување за Предвремените парламентарни избори.

Мониторинг тимот на Агенцијата и неколку надворешни соработници, секојдневно ќе ја следат 24-часовната програма на националните телевизии и радија. Согласно Методологијата за мониторинг на изборното претставување преку радио и телевизиските програмски сервиси, во периодот од распишување на изборите до почетокот на изборната кампања, предмет на мониторингот се два телевизиски и два радио сервиси на Јавниот радиодифузен сервис и Собранискиот канал, петте телевизии кои емитуваат програма преку преносен капацитет на дигитален терестријален мултиплекс, петте сателитски телевизии, четирите кабелски телевизии и две од националните комерцијални радија.

– Досега, со мониторингот се следеше дали се почитуваат забраните за емитување реклами финансирани од јавни средства и за емитување платено политичко рекламирање. Отсега, на ова се надоврзува и мониторингот на известувањето во централните дневно – информативни емисии, како и на пристапот во сите информативни програми, а за сите други програмски сервиси Агенцијата ќе врши мониторинг врз основа на претставки, истакна Зоран Трајчевски, директор на Агенцјата на денешната прес конференција.

Од денеска функционира и посебен дел на веб страницата на Агенцијата посветен на Изборите 2016 година, во кој можат да се погледнат Изборниот законик, Методологијата за мониторинг, ставовите на Агенцијата во врска со изборната регулатива, материјалите од реализираните обуки со радиодифузерите и линк до формуларот за претставки за сите граѓани и правни субјекти кои имаат забелешки на известувањето на медиумите. Овде Агенцијата ќе ги објавува и извештаите од сите констатирани прекршувања на Изборниот законик врз основа на кои ќе бидат поведени прекршочни постапки пред надлежните судови. Освен на македонски јазик, овој банер функционира и на албански и на англиски јазик.

– Би било навистина корисно за демократијата во земјата кога не би имале причина да изрекуваме мерки и кога медиумите би го покажале кон граѓаните почитувањето кое тие го заслужуваат, на тој начин што ќе известуваат согласно професионалните принципи и стандарди, јасно ќе прават разлика меѓу фактите и коментарите и нема да испуштаат суштински информации за настаните заменувајќи ги со реакции – надополни Трајчевски.



Accessibility

Accessibility