Скопје, 23.04.2016г. – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги остро ги демантира наводите изнесени во денешното соопштение за јавност на СДСМ, во кое се наведува дека СДСМ очекува АВМУ да ја санкционира телевизијата ТВ Сител, заради емитување на прилог со наслов “Дали во позадина на сценаристот за дестабилизација е план за федерализација на Македонија“, и дека за овој прилог СДСМ доставиле соодветен приговор до АВМУ.
Во насока на правилно информирање, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, ја известува јавноста дека денес до 20.30.часот на контакт меилот на Агенцијата contact@avmu.mk, не е доставен никаков приговор од страна на СДСМ.
Воедно, и укажуваме на СДСМ дека називот на Агенцијата, е Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, а не Агенцијата за аудио и аудио визуелни уметности.