Скопје, 28 април 2016 година – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во Извештајот за медиумското претставување во првите десет дена по распишувањето на изборите, констатира дека дел од медиумите не ги почитуваат програмските начела за објективно и непристрасно прикажување на настаните, обезбедување различни,
еднакво третирани гледишта, за почитување на човековото достоинство, за поттикнување на духот на толеранција и за независност и самостојност во уредувачката политика. Повторно укажуваме дека почитувањето на членот 61 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е предуслов за вршење на дејноста.
Предупредуваме дека, доколку некои од медиумите продолжат да емитуваат прилози во кои се поврзуваат политиките на државата со мерки од изборни програми на политички партии и да известуваат за активности на државните органи на централно и локално ниво на начин што може да биде во функција на изборно медиумско претставување на кој било политички субјект, ќе бидат преземени законските мерки.
Ги потсетуваме радиодифузерите дека барањето да се презентираат различни гледишта кои ќе имаат ист третман, исто како и сите други програмски начела, и забраната за говор на омраза, важат и за дебатите, интервјуата и другите актуелно-информативни емисии.
Првиот извештај од мониторингот на медиумското претставување по распишувањето на Предвремените парламентарни избори 2016, за периодот 15 – 24 април е достапен на во посебниот дел – Избори 2016, а истиот може да се преземе и на следниот линк