Втор јавен состанок за 2016 – Активности на Агенцијата и новости во медиумската сфера

DSC direktorСкопје, 23.06.2016г. Денес, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги согласно обврските утврдени во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го одржa вториот јавен состанок за 2016 година…


DSC direktorСкопје, 23.06.2016г. – Денес, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги согласно обврските утврдени во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го одржa вториот јавен состанок за 2016 година. Директорот на Агенцијата д-р Зоран Трајчевски ги презентираше активностите кои Агенцијата ги реализираше во изминатото тромесечие – спроведените надзори, доделувањето на една дозволапо пат на јавен конкурсза радио емитување, изречените мерки. Информираше и за активностите на полето на европска интеграција, активностите од Планот за популаризирање на правото за одговор и исправка, донесените одлуки за промена на сопственичка структура, постапувањето по претставки и предлози.  

Ги најави годинашните истражувања за родови прашања, кои се во тек и кои се прават на примерок од вести и реклами, емитувани на телевизиските програмски сервиси на државно ниво, информираше за реализираното Истражување за досегот на радиостаниците и за уделот во вкупната гледаност на телевизиските станици што емитуваат програма на државно ниво преку сателит или преку јавна електронска комуникациска мрежа и на телевизиските станици што емитуваат програма на регионално и на локално ниво, чии податоци се однесуваат на првиот квартал од 2016 година, како и за донесениот Правилник за утврдување на локациите до кои операторите на јавни електронски комуникациски мрежи кои реемитуваат програмски сервиси и давателите на аудиовизуелни медиумски услуги по барање се должни да го испорачаат својот сигнал, кој ќе се применува од 1 август 2016г.
DSC irena

Во контекст на мониторингот на изборното медиумско претставување за предвремените парламентарни избори во 2016 година, директорот на Агенцијата ги спомена трите извештаи (за периоди од по 10 дена) за начинот на известување во вестите обединети во еден Збирен извештај за периодот од 15 април до 14 мај 2016 година, како и два извештаи за емитуваните интервјуа, дебати и други информативни програми, обединети во еден Збирен извештај за периодот од 15 април до 14 мај 2016 година.

Европската комисија како дел од Стратегија за единствен дигитален пазар, на 25 мај 2016 година, ја претстави ажурираната Директива за аудиовизуелни медиумски услуги која се осврнува на четири генерални области: одговорност за платформите за споделување на видеа (video-sharing platforms); поцврста и независна улога на медиумските регулаторни тела; зголемена застапеност на европски дела и поголема флексибилностза радиодифузерите во поглед на рекламирање, пласирање производи и спонзорство. Предлогот на Европската комисија за измена на аудиовизуелната регулатива го презентираше м-р Емилија Петреска – Камењарова, раководителка на Одделението за човекови права и медиумска писменост во Секторот за програмски работи, која ги образложи контекстот, содржината, целите и причините за промена. Со овој предлог Комисијата сака да постигне подобра рамнотежа на правилата кои денес важат за традиционалните радиодифузери, за давателите на услуги по барање и за платформите за споделување видеа, особено кога се работи за заштита на малолетната популација. Предлогот ги зема предвид промените на пазарот на аудиовизуелни услуги по последната ревизија на Директивата, за да може да овозможи прогресивна и флексибилна правна рамка.DSC emi

За статусот на реализација на проектот ИПА 2011 „Обезбедување опрема за мониторинг на медиумски содржини што го врши Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги“ свое излагање имаше д-р Ирена Бојаџиевска, пом. раководител на Секторот за координација и поддршка на работата на Директорот и Советот на Агенцијата. Комплетната опрема е инсталирана во седиштето на Агенцијата и во осумте регионални точки, а системот за мониторинг на медиумските содржини, на Агенцијата ќе и обезбеди континуирано 24-часовно снимање на емитуваната програма на радио и телевизиските програмски сервиси за кои Агенцијата издала дозволи и снимки во времетраење од најмалку 90 секунди за секој програмски сервис, кој е реемитуван преку мрежата на ОЈКМ најмалку четири пати во текот на еден ден (24 часа), што е доволно за идентификација на логото на програмскиот сервис (надзор врз почитувањето на авторските и сродни права).  Во периодот кој следи ќе се врши тестирање на опремата, која се очекува да биде пуштена во употреба кон крајот на месец август. Вкупната вредност на опремата е 839,608.00 €, од кои 75% се обезбедени преку ИПА на Европската комисија, а останатите 25% односно 209,902.00 € се обезбедуваат како кофинансирање од буџетот на Агенцијата.

Презентациите од вториот јавен состанок може да се преземат на следниве линкови:

м-р Емилија Петреска-Камењарова

Предлог на Европската комисија за измена на аудиовизуелната регулатива

д-р Ирена Бојаџиевска

Набавка на опрема за систем за мониторинг  на медиумските содржини за потребите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги

 

 



Accessibility

Accessibility