Скопје, 25.08.2016 година – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги упатува остра реакција на ставовите изнесени во соопштението на СДСМ под наслов „Петтиот член на ад-хок телото мора да биде експерт, Груевски не може да спречи фер избори“.
СДСМ тврди дека формирањето на Привремената комисија за следење на медиумското претставување „само ја потврди партизираноста и нестручноста“ на Агенцијата за аудио и аидиовизуелни медиумски услуги.
Агенцијата бара од партиите да престанат со волунтаристички оценки за стручноста на регулаторното тело. Стручната служба на Агенцијата секогаш совесно, објективно и непристрасно ги спроведувала мониторингот на изборното известување, како и другите надзори, според методологии усогласени со светските правила и практики. Всушност, токму договорот меѓу четирите партии со кој се формира Привремената комисија, претставува директен упад во независноста на регулаторното тело.
Стручноста и компетентноста на Агенцијата, секој може да ја процени преку извештаите од мониторинзите достапни на нашата веб страница.
Апелираме, Агенцијата да не се вовлекува во меѓупартиски препукувања.