Интервју на директорот на Агенцијата д-р Зоран Трајчевски за радио Фокус, Република Бугарија

Директорот на Агенцијата д-р Зоран Трајчевски и Марија Стојанова, претседателката на Советот за електронски медиуми на 16 септември 2016 година, имаа заедничко интервју за изданието на „Тоа е Бугарија” на радио „Фокус”, Република Бугарија. Целото интервју може да се погледне подолу.

Марија Стојанова и Зоран Трајчевски: Воспоставуваме почеток на добра и взаемно корисна соработка помеѓу медиумските регулатори на Бугарија и Македонија

Марија Стојанова и Зоран Трајчевски: „Воспоставуваме почеток на добра и взаемно корисна соработка меѓу медиумските регулатори на Бугарија и Македонија“

 

Водителот: Советот за електронски медиуми е домаќин на официјалната средба за размена на добри практики со колегите од Македонија. За време на посетата, која ќе трае до 17 септември, двата регулатори ќе разменат искуства од набљудувањето на предизборните кампањи, кои претстојат и за двете надзорни тела, и тоа многу скоро. Знаете, во Бугарија се редовните претседателски и збори, а во Македонија – предвремените парламентарни избори на 11 декември. Во студио е Марија Стојанова, претседателка на СЕМ, и Зоран Трајчевски, директор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Г-ѓо, оваа посета е прва од ваков вид. Како дојдовте до одлуката за нејзино реализирање?

Марија Стојанова: Тоа беше спонтана идеја, која можеше да се реализира благодарение и на многу добрите лични контакти кои ги имаме со претседателот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги на Република Македонија, г-н Зоран Трајчевски. Со него одамна зборувавме за тоа дека е неопходно да ги игнорираме стереотипите во двете земји и да воспоставиме соработка на професионална основа. И со таа взаемна цел всушност и пристапивме кон реализација на оваа средба, која фактички е прва, но сигурно нема да биде и последна.

Водителот: Г-не Трајчевски, вие со какви ставови дојдовте во Бугарија?

Зоран Трајчевски: Со нашата посета на Бугарија со колегите од бугарското регулаторно тело сакаме да изградиме поблиски односи, за да имаме секојдневна комуникација, бидејќи условите за работа и во Бугарија и во Македонија се многу слични и добро е да ги научиме позитивните и негативните искуства од Бугарија, како и да ги споделиме нашите искуства од Македонија. Тоа е начин да си помогнеме едни на други да функционираме подобро, да ги избегнеме недостатоците кои сме ги искусиле ние или пак сте ги имале вие во Бугарија, да не ги правиме истите грешки направени кај нас или кај вас, да размениме информации. Со секојдневна комуникација многу ќе си помогнеме во нашата работа. Добро е заедничката соработка да се прошири, да не се сведе само на односите помеѓу двата регулатори, туку да се прошири и на регионално ниво. Ќе се обидеме тоа да го направиме и со другите земји во регионот, така што заедничките односи меѓу двата регулатори да станат причина за поголема соработка во целиот регион. Сите имаме интерес од тоа, бидејќи ќе се создадат слични услови за работа.

Водителот: Г-не Трајчевски, за какви проблеми очекувате да најдете решение или барем да се послужите со искуство кое ќе ви помогне да најдете решение?

Зоран Трајчевски: Проблемите во целиот регион, па и во Бугарија и Македонија, се слични, особено во делот на заштитата на малолетната публика, во делот на шоу програмите и реалити програмите како „Големиот брат“ или „Фарма“, како и на сите други проекти кои се емитуваат во сите земји од регионот. За нас е важно да видиме како се регулира периодот пред избори и за време на избори во Бугарија, бидејќи и ние сме во предизборна ситуација. Да видиме како работи регулаторот во Бугарија, бидејќи вие сте членка на Европската унија, да видиме, за да успееме да пренесеме некои практики од европската регулатива. А како регулатор, и ние да претставиме дел од нашето искуство со позитивни практики кои сме ги постигнале, иако не сме членка на Европската унија. Посебно за медиумите, имаме законодавство кое е усогласено со европското, благодарение на методологиската и финансиската помош од Европската комисија. Би сакале да им ги претставиме резултатите од ова наше позитивно искуство на колегите од бугарскиот регулатор. И, иако не сме земја членка на Европската унија, ние сепак работиме на многу високо професионално ниво, навистина имаме многу голема финансиска и политичка независност, така што ќе можеме на колегите од бугарскиот регулатор – Советот за електронски медиуми – да им ги претставиме нашите добри практики. Се надеваме дека и на денешната средба во бугарскиот парламент успеавме да ги запознаеме вашите народни пратеници со позитивните практики од Македонија во делот на независноста на медиумите, така што тие би можеле да ги имаат предвид при подготовката на идниот закон за медиуми, кој треба да влезе во бугарскиот парламент.

Водителот: Какви ви се првите впечатоци од Бугарија?

Зоран Трајчевски: Добри. Јас не можам да кажам дека имам први впечатоци, имајќи предвид дека доста често патувам во Бугарија. Неколку пати во годината доаѓам на скијање во Банско. Така што ова не ми е прв пат.

Водителот: Затоа ли избравте да дојдете сега на прва службена посета?

Зоран Трајчевски: Посетата е договорена и организирана од поодамна со претседателката на бугарскиот СЕМ, Марија Стојанова. За оваа средба зборуваме од поодамна на различни форуми, организирани во рамките на Европската комисија. Важно е ова да не биде само случајна средба, туку постојана практика за комуникација и да се претвори во постојана традиција барем неколку пати во годината да имаме заеднички состаноци на двата регулатори – бугарскиот и македонскиот. И се надевам дека ќе успеам да го пренесам овој тип на односи и пошироко, во балканскиот регион.

Водителот: Еве, г-н Трајчевски ми го сугерира следното прашање, кое е за Марија Стојанова. Ќе ја прифатите ли оваа идеја да се прошири средбата – да не биде двострана туку да биде меѓу медиумските регулатори од целиот регион, госпоѓо Стојанова?

Марија Стојанова: Г-н Трајчевски е апсолутно во право дека ние – земјите во балканскиот регион – сме исклучително блиски. За жал, не се познаваме толку добро. И, за жал, тоа е причина да немаме исклучително тесна соработка, како што е случај во другите делови од Стариот континент. Важно е не само да се познаваме, туку и да се запознаваме, важно е да се разбираме и оттука натаму да надградуваме – да надградуваме за медиумската средина не само во нашата земја туку и во останатите земји во регионот да се развива. Бидејќи земјите ни се мали, пазарите ни се крајно ограничени и стеснети, една над-национална, регионална соработка меѓу креативните индустрии на различните земји, сепак би била добра основа за развој. И токму кон тоа сме насочени во работата со г-н Трајчевски.

Водителот: Дали е можна или сѐ уште е утопија конвергенција на медиумските пазари во регионот?

Марија Стојанова: Ние не зборуваме за конвергенција на медиумските пазари, имајќи го предвид фактот дека ниту ние, ниту некој друг регулатор по содржина на Стариот континент, е пазарен регулатор. Она за што ние зборуваме е остварување на почести контакти, остварување на заедничка соработка меѓу претставниците на различни сектори во одделни земји. Блиску ни се државите, мали се растојанијата. Да, јазиците се разликуваат, но горе-долу се разбираме меѓу себе.

Водителот: Во моментов разговараме без преведувач.

Марија Стојанова: Не станува збор за Република Македонија. Вие ме прашавте за една регионална соработка. Кога зборувам за тоа, јас ги имам предвид и колегите од Хрватска, колегите од Србија, Босна и Херцеговина – зошто не и Грција, Црна Гора исто така. Произлегува дека во балканскиот регион всушност сме само две држави кои сме членки на Европската унија. Тоа сме ние и колегите од Република Хрватска. Така што ќе имаме што да дадеме заеднички. Факт е дека дури и кога се среќаваме по меѓународни форуми, си приоѓаме едни на други небаре со стеснување. Излегува дека е полесна комуникацијата со колегите од државите членки на Европската Унија, отколку комуникацијата помеѓу нас. Всушност, малку се познаваме. И тоа – да се запознаеме повеќе – би било поттик не само во нашите меѓусебни односи, туку и за медиумските индустрии, бидејќи е јасно дека медиумските содржини веќе се употребуваат не само во тесните граници на една држава.

Водителот: Од законодавен аспект, со што можеме да бидеме корисни за Македонија? Тие се сега пред избори – предвремени парламентарни.

Марија Стојанова: Во овој поглед, регулаторот по содржина е надлежниот орган во однос на нормативната рамка. Но, државите се различни, ние имаме задолжение во однос на нормативните уредби не само во нашата земја туку, како што веќе стана збор, и на ниво на Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги. Тоа се нешта кои ние, регулаторите, не ги формулираме сами, но на европско ниво имавме шанса, ја имавме можноста и ја искористивме активно да работиме на промена на Директивата – нешто што за прв пат се случува во Бугарија откако земјата стана членка на Европската унија. И токму нашата активна позиција таму ни даде можност да помогнеме на земја како Македонија да стане набљудувач на тој процес, иако не е членка и не беше земја со статус на кандидат. Таквиот вид соработка е исклучително важен, бидејќи тоа им овозможува на колегите одблизу да ја следат нашата работа за да можат да го прилагодат своето законодавство уште пред да станат кандидати за членство.

Водителот: Ова е исклучително корисен потег, г-не Трајчевски.

Зоран Трајчевски: Да. И сакам да кажам дека од заедничката работа, од соработката – не може да има загуба. Со размената на информации подобро ќе се запознаат народите од двете држави. Ако немаме комуникација и не разменуваме информации, и се случува на секои два-три месеци на некоја негативна вест да ѝ се придаде огромно значење кое не ѝ е од корист ниту на едната, ниту на другата држава. Додека, ако имаме поблиска соработка и разменуваме информации меѓу себе, за да знаеме што се случува во Софија, во Перник, во Ќустендил или во Варна, што се случува во политичката, економската, општествената сфера во Бугарија и во Македонија, на такви негативни информации кои се случуваат и од едната и од другата страна, никој нема да им обрнува внимание. Излегува дека во отсуство на соодветни меѓусоседски информации, на негативните ситуации кои што немаат поткрепа во едната или во другата земја, ние им придаваме огромно значење, што создава впечаток дека едната или другата држава немаат добра соработка, имаат лоши односи. А, реално, тоа не е така. Затоа, размената на информации е многу позитивна, бидејќи со тоа се елиминираат разни личности, политички партии или групи на луѓе кои само во отсуство на комуникација создаваат негативни ситуации што ги оптоваруваат односите помеѓу двете држави.

Водителот: Вие често доаѓате во Бугарија, но сепак за прв пат сте во студиото на радио „Фокус“. Претседателката на СЕМ Марија Стојанова, која е наша честа соговорничка, исто така за прв пат е гостинка. Како се чувствувате и двајцата во нашето студио?

Зоран Трајчевски: Фантастично.

Марија Стојанова: За мене е голема возбуда, бидејќи мојот професионален пат почна токму од радиото како медиум. Одамна не сум влегла во радиско студио, и многу се радувам на оваа можност и ви се заблагодарувам за неа, бидејќи за секој човек до кој стигнува овој медиум, независно од тоа што сега има друга технологија – интернет, радиото останува најоперативен медиум кој стига до аудиториумот на најверодостоен и најбрз начин. Така, возбудата останува.



Accessibility

Accessibility