Скопје, 23.12.2016г. – Врз основа на Решението од ДИК за повторување на гласањето на гласачкото место бр. 2011, во општина Теарце, на 25-ти декември 2016 година, Aгенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги известува радиодифузеритедека од вечерва по полноќ, заклучно со 19 часот, на 25-ти декември, важат правилата за изборен молк.
За време на изборниот молк, престануваат сите облици на изборно медиумско претставување на учесниците во изборната кампања.
Според Изборниот законик, за прекршување на изборниот молк се смета емитувањето: какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите; какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите; податоци со кои се открива идентитетот на политички субјекти и/или поединци вклучени во инциденти или неправилности на денот на гласањето; како и изјави од кандидати во изборниот процес, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта.