OДРЖАНА РЕГИОНАЛНА КОНФЕРЕНЦИЈА НА РЕГУЛАТОРНИ ТЕЛА ЗА МЕДИУМИ

image_pdfimage_print

Скопје, 06.09.2017г. – По повод 20 години од своето постоење, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги вчера беше домаќин на регионална конференција на регулаторни тела за медиуми. На конференцијата присуствуваа претставници на регулаторните тела од Словенија, Хрватска, Црна Гора, Србија, Косово и Бугаријаи претставници на граѓански организации кои делуваат во сферата на медиумите, институции и медиумски професионалци.

Се разговараше за професионалните новинарски стандарди во медиумските програми и за улогата на регулаторните тела; за политичкиот плурализам надвор од изборни процеси и за влијанието на медиумската политика во развојот на медиумската писменост.

Во однос на професионалните стандарди, кои речиси секаде во регионот се предмет на саморегулација, беше констатирано дека треба да се засилат механизмите на саморегулација и да се зајакне соработката меѓу регулаторните и саморегулаторните тела. За плурализмот, уште еднаш беше потенцирано дека е неопходно медиумите објективно и непристрасно да ги прикажуваат настаните, со еднаков третман на различните гледишта и мислења, за да и се овозможи на јавноста слободно да оформи мислење за одделни настани и прашања.

Претставените искуства на регулаторите околу нивната улога и надлежности во врска со медиумската писменост покажаа дека праксата во регионот е различна. Иако најголем дел од регулаторните тела немаат формална одговорност, сепак активно работат на промоција на медиумската писменост, бидејќи таа е суштинска за здрава демократија, претставува неопходен одговор на променливиот и многу комплексен медиумски пејсаж, и може да биде алатка во унапредувањето на основните човекови права и борбата против радикализацијата, актуелна во последно време.



Accessibility

Accessibility