Скопје, 11.09.2017г. – Извештајот од мониторингот на изборното медиумско известување за периодот од 27 август до 5 септември 2017 година, што го спроведува Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, покажува дека радиодифузерите продолжуваат да ја следат веќе востановената уредувачка политика при известувањето.
Како и досега, квантитативно најприсутна е Владата – преку информирање за внатрешно-политичките и за надворешно-политичките активности, од кои во фокусот особено беше посетата на министерот за надворешни работи на Република Грција Никос Коѕијас на Република Македонија.
Исто така, продолжува практиката при известувањето за комуникацијата на релација власт-опозиција, при која неретко се јавуваат „псевдонастани“ кои потоа се преточуваат во „псевдовести“, некои од телевизиите и радијата да држат дистанца од ваквата матрица, а некои од нив – да ја пресликуваат.
Начинот на известување на ТВ Алфа и ТВ Нова укажува на непочитување на професионалното начело за еднаков третман на различните гледишта.
Освен ова, во рамките на овој мониторинг, кај ТВ Нова е констатирано прекршување и на три други начела. Во емисијата „Отворено студио“, со наслов „За или против геј бракови“, емитувана на 10 август 2017 година, телевизијата постапи спротивно на начелата за еднаквост на правата и слободите на луѓето по сите основи и за објективно и непристрасно прикажување на настаните, а со прилогот „Обвинителен акт против гинекологот кој презентирал лажна бременост на пациентка“, емитуван на 31 август 2017 година, не го почитуваше и начелото на пресумпција на невиност.
Третиот десетдневен извештај, како и другите два извештаи за ТВ Нова, се достапни на линковите во прилог:
Извештај од вонреден надзор врз програмскиот сервис на ТВ Нова – 10 август 2017 година
Извештај од вонреден надзор врз програмскиот сервис на ТВ Нова – 31 август 2017 година