Скопје, 30.10.2017 година – Во текот на изборниот молк за вториот круг од гласањето на Локалните избори 2017 година, со мониторингот на Агенцијата е констатирано едно прекршување – кај Првиот програмски сервис на Македонското Радио (Радио Скопје). Имено, во емисија за земјоделците емитувани беа изјави од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
Освен ова, во последните два дена од мониторингот на изборната кампања во вториот круг од изборите, констатирано е и прекршување на лимитите за платено политичко рекламирање кај ТВ Нова, која во два наврати – на 26 и на 27 октомври, емитуваше повеќе од дозволените 8 минути за платено политичко рекламирање на реален час емитувана програма за политичките партии во опозиција.
Во рамки на законските рокови, Агенцијата ќе поднесе барања до надлежниот суд за покренување прекршочни постапки.
Извештаите за начинот на известување на радиодифузерите за време на изборната кампања во вториот круг ќе бидат објавени кон крајот на неделава.