ПРОМОВИРАНО ДВД ЗА МЕДИУМСКА ПИСМЕНОСТ НАМЕНЕТО ЗА ОСНОВНИТЕ УЧИЛИШТА

image_pdfimage_print

Скопје, 25.01.2018г. – Во рамки на заложбите за поттикнување развој на медиумска писменост, Агенцијата, денес го промовираше првиот проект на неколку членки на Мрежата за медиумска писменост – ДВД наменето за основните училишта во Република Македонија. Проектот го финансираше Агенцијата, а го поддржаа Бирото за развој на образованието, и Министерството за образование кое во наредниот период ќе ја изврши дистрибуцијата на ДВД-то, до сите основни училишта во Република Македонија.

На ДВД-то се наоѓаат материјали, видео спотови, Конвенција за правата на децата и леток од Народниот правобранител со кои се објаснуваат правата на децата, и начинот како тие да се остварат. Материјалите ќе ги користат наставниците при обработувањето на теми поврзани со медиумите, и нивната намена е да ги подучат учениците како да ги восприемаат информациите, како да го одредат нивното потекло и да изградат критички пристап кон медиумските содржини.

„Важноста на овој проект е двојна, од една страна, наставниците добиваат конкретни пишани и видео материјали од кои ќе можат да се инспирираат и кои ќе можат да ги користат како нагледни средства со што медиумската писменост посуштински влегува во основните училишта, а од друга страна, соработката во Мрежата и надвор од неа полека но сигурно функционира“ – истакна директорот на Агенцијата, д-р Зоран Трајчевски за време на промоцијата.

На настанот се обратија и претставници на Високата школа за новинарство и односи со јавноста, Конеду глобал, Евротинк – Центар за европски стратегии и Народниот правобранител, кои говореа за содржината на материјалите со кои дадоа придонес кон проектот и воедно изразија задоволство од досегашната меѓусебна соработка. Материјали за ДВД-то обезбедија и Агенцијата, Македонскиот институт за медиуми, Метаморфозис, НВО Инфоцентар, Транспарентност Македонија, и Хелсиншки комитет за човекови права.



Accessibility

Accessibility