Брисел ја нотираше проактивноста на Агенцијата

Скопје, 18.04.2018г. – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги продолжи да биде проактивна во потсетувањето на медиумите на нивните правни обврски и да ја зајакнува својата соработка со граѓанските организации, оцени Европската комисија во најновиот Извештај за напредокот на Република Македонија.

„Во неколку случаи, регулаторот и медиумските асоцијации продолжија да реагираат на потпалувачки, дискриминаторски и говор на омраза, како и за непрофесионално новинарско известување“, стои во Извештајот.

Исто така, во документот е нотирано дека  регулаторот иницираше формирање на мрежа за медиумска писменост во којашто се вклучени различни субјекти од јавниот и граѓанскиот сектор. Притоа, Комисијата наведува дека е потребно да се развие посистематски пристап и соработка помеѓу чинителите во медиумската сфера и дигитална писменост.

Во однос на финансирањето на јавниот радиодифузен сервис, на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и на Македонска радиодифузија од Буџетот на Република Македонија, Европската комисија препорачува да не се доцни со трансферите  на средства.

Агенцијата, како и досега ќе продолжи доследно да ги применува меѓународните и домашните законски прописи и да делува проактивно на полето на унапредување и подигање на новинарските стандарди, медиумската писменост и да се залага за применување на европските вредности и практики во македонската аудиовизуелна област.



Accessibility

Accessibility