Скопје, 18.05.2018г. – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, вчера и денес беше домаќин на претставниците на Регулаторната агенција за комуникации на Босна и Херцеговина.
Надлежностите, начинот на доделување дозволи и надоместоците за дозволи за емитување, процесот на регулација на аудиовизуелни медиумски услуги на барање, промените на сопственичката структура, утврдување недозволена медиумска концентрација, беа дел од темите на средбата помеѓу двете регулаторни тела.
Воедно, беа разменети искуства за спроведување на правилата за аудиовизуелни комерцијални комуникации во делот на пласирање производи и спонзорствo, активностите и мерките за обезбедување пристап до програмите на лицата со сетилна попреченост, како и за стандардите за прикажување малолетници во вести и за нивно учество во други програми. Посебно внимание се посвети и на искуства во поглед на регулативата и начинот на реализација на мониторингот на медиумските содржини за време на изборни процеси.
На крајот на дводневната средба, беше договорено наесен да се одржи уште една средба на која ќе се потпише и меморандум за соработка, чија цел е да придонесе за проширување и продлабочување на меѓусебните односи и размена на искуства во областа на медиумската регулација.