Скопје, 26 март 2019г. – Директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги д-р Зоран Трајчевски, претседателот на Советот на Агенцијата Лазо Петрушевски и зaмeник претседателот на Советот д-р Милаим Фетаи денеска имаа работна средба со делегација од Секретаријатот за европски прашања, предводена од заменик претседателот на Владата за европски прашања д-р Бујар Османи.
На средбата беше разговарано за улогата и активностите на Агенцијата во евроинтеграциските процеси, за измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, финансиите и човечките ресурси и генерално, за состојбата во медиумската сфера. Посебен акцент беше ставен на говорот на омраза и лажните вести, особено во пресрет на претседателските избори, како и на мониторингот на изборното медиумско покривање. Заменик претседателот на Владата Османи посочи дека Европската комисија позитивно гледа на работата на Агенцијата и додаде дека очекува регулаторот во претстојниот клучен период, да продолжи да работи во таа насока.
– Имавме можност да направиме отворен разговор за тоа што може државата да направи за Агенцијата да ги има сите услови и предуслови за независност и ефикасност во своето работење, но се разбира и што Агенцијата ќе направи во обезбедување на слободата на медиумите – рече Османи по средбата.
Директорот Трајчевски се заблагодари за посетата и рече дека Агенцијата и во наредниот период ќе ги вложи сите напори за да помогне во добивањето позитивна препорака од Европската комисија за почеток на преговорите за влез во ЕУ.
– Тоа ќе го покажеме првично со беспрекорно спроведување на Изборниот законик за време на претседателските избори во координација со другите државни органи коишто го спроведуваат изборниот процес и се разбира со имплементација и целосно практикување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Законот за медиуми – рече Трајчевски, додавајќи дека Агенцијата како институција е подготвена и сака да и помогне на Владата да го постигне посакуваниот резултат.