1

СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТ

Скопје, 26 март 2019г. – Директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги   д-р Зоран Трајчевски, претседателот на Советот на Агенцијата Лазо Петрушевски и зaмeник претседателот на Советот д-р Милаим Фетаи денеска имаа работна средба со делегација од Секретаријатот за европски прашања, предводена од заменик претседателот на Владата за европски прашања д-р Бујар Османи.

На средбата беше разговарано за улогата и активностите на Агенцијата во евроинтеграциските процеси, за измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, финансиите и човечките ресурси и генерално, за состојбата во медиумската сфера. Посебен акцент беше ставен на говорот на омраза и лажните вести, особено во пресрет на претседателските избори, како и на мониторингот на изборното медиумско покривање. Заменик претседателот на Владата Османи посочи дека Европската комисија позитивно гледа на работата на Агенцијата и додаде дека очекува регулаторот во претстојниот клучен период, да продолжи да работи во таа насока.

Имавме можност да направиме отворен разговор за тоа што може државата да направи за Агенцијата да ги има сите услови и предуслови за независност и ефикасност во своето работење, но се разбира и што Агенцијата ќе направи во обезбедување на слободата на медиумите – рече Османи по средбата.

Директорот Трајчевски се заблагодари за посетата и рече дека Агенцијата и во наредниот период ќе ги вложи сите напори за да помогне во добивањето позитивна препорака од Европската комисија за почеток на преговорите за влез во ЕУ.

Тоа ќе го покажеме првично со беспрекорно спроведување на Изборниот законик за време на претседателските избори во координација со другите државни органи коишто го спроведуваат изборниот процес и се разбира со имплементација и целосно практикување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Законот за медиуми – рече Трајчевски, додавајќи дека Агенцијата како институција е подготвена и сака да и помогне на Владата да го постигне посакуваниот резултат.