НОВИ ИЗМЕНИ НА ИЗБОРНИОТ ЗАКОНИК НА САМО ПЕТ ДЕНА ПРЕД КАМПАЊА

image_pdfimage_print

Скопје, 28.03.2019 – Собранието на Република Северна Македонија, вчера, на само пет дена пред почетокот на изборната кампања, по скратена постапка и без поширока дебата, донесе измени на Изборниот законик. Целта на измените била меѓусебно усогласување на одредбите од Изборниот законик, но за жал постигнато е токму спротивното и е внесена дополнителна конфузија и контрадикторност на законските одредби, особено во поглед на платеното политичко рекламирање.

Истовремено, одредбите коишто се однесуваат на процентуалната распределба на времето во информативните програми на јавниот радиодифузен сервис и на времето за бесплатно претставување на Собранискиот канал и понатаму остануваат неусогласени и неприлагодени на спецификите на овие избори.

Во јули минатата година Агенцијата реагираше, а и сега останува на ставот дека платеното политичко рекламирање за време на изборните процеси не треба да го плаќаат граѓаните, односно не треба да се одвојуваат средства од државниот буџет за оваа намена.

Агенцијата апелира, по завршување на изборите да се отвори широка дебата со сите релевантни страни за измени на Изборниот законик. Само така соодветно ќе се усогласат законските одредби пред одржување на следните избори, што е во насока на препораките на Венецијанската комисија, според кои суштинските елементи на изборниот закон не треба да се менуваат во период помал од една година пред изборите.



Accessibility

Accessibility