Објавен Вториот извештај од медиумското известување за Претседателските избори 2019

image_pdfimage_print

Скопје, 09.04.2019 – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го изготви Вториот извештај од мониторингот на медиумското известување за Претседателските избори 2019 година, којшто се однесува на периодот од 7 до 31 март 2019 година. Во извештајот е анализирана 24-часовната програма на МРТ1, МРТ2, МР1 и Програмата на албански јазик на Каналот на етничките заедници на Македонско радио и на 11 телевизии на државно ниво.

Во овој извештаен период за начинот на известување пред почетокот на изборната кампања, беше констатирано непочитување на професионалните стандарди за вршење на дејноста кај ТВ Сонце. Имено, радиодифузерот за партијата Македонска алијанса издвои повеќе време во вестите отколку времето за сите други политички субјекти (партии и кандидати) заедно, со што го прекрши член 61 став 1 алинеи 9 и 13 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги – принципите за еднаков третман на различните гледишта и мислења, и за самостојност, независност и одговорност на уредниците, новинарите и другите автори при создавањето на програмите и креирањето на уредувачката политика.

Половина од вкупното време во Вестите на Програмата на албански јазик на Македонското радио, беше посветено на трансмисија на информации за секојдневните активности на Владата.

Од прилозите поврзани со изборите, преовладуваа информации за активностите на Државната изборна комисија, додека известувањето во дневно-информативните емисии го отсликуваше дневниот тек на актуелните или актуелизираните теми од сферата на политиката, економијата, социјалата, здравството итн.

Вториот извештај од медиумското известување за Претседателските избори 2019 е достапен на следниот линк.



Accessibility

Accessibility