Извештај за изборното медиумско известување во првите 9 дена од кампањата

Скопје, 15 април 2019 година – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, денес го објави Првиот извештај за начинот на известување на радиодифузерите во текот на изборната кампања за периодот од 1 до 9 април 2019 година. Со миниторингот беа опфатени вкупно 32 програмски сервиси, односно 15 програмски сервиси на национално ниво (13 ТВ и две радија), 17 регионални и локални телевизии. Во првите девет дена од кампањата, националните медиуми повеќе се концентрираа на активностите на претседателските кандидати, а некои од нив во вестите воопшто не известуваа за локалните избори или патем спомнаа некој од кандидатите. Две телевизии известуваа само за изборите во Општина Дебар.

Регионалните и локалните медиуми пак, беа поконцентрирани на локалните избори за својата општина, но со мали минутажи, со исклучок на ТВМ со седиште во Охрид која во поголемиот дел од вестите информираше за активностите поврзани со кампањата за градоначалник.

За претседателската кампања не се известуваше со голем интензитет, поради што може да се каже дека времето алоцирано за кандидатите не е доволно големо за да се извлечат оценки за тоа колку е почитуван принципот на еднаква распределба на времето меѓу тројцата кандидати, односно дали е постигнат баланс во известувањето. Сепак, наодите даваат индиции за тоа дали и како е запазен принципот на еднаквост.

Анализата утврди неколку пристапи на известување во медиумите. Некои од медиумите настојуваа да обезбедат еднаквост во распределбата на времето што го одвоиле заедно за кандидатите и за партиите кои ги поддржуваат, други настојуваа да обезбедат приближна еднаквост на времето меѓу кандидатите. Кај некои од радиодифузерите преку времето може да се согледа разликата во интензитетот на кампањата на Блерим Река – било поединечно, било заедно со партиите кои го поддржуваат, додека кај некои медиуми помалото време за кандидатот Блерим Река, освен на интензитетот на неговата кампања, се должи и на разлика во пристапот – покуси прилози, без директни обраќања, што не е случајот со известувањето за останатите двајца кандидати.

Практиката на ТВ Сонце да ги пренесува пред сè ставовите на политичката партија Македонска Алијанса, чиј претседател е сопственик на телевизијата, продолжи и во првите девет дена од кампањата.

Повеќето медиуми реализираа и посебни информативни емисии (интервју и/или дебати) посветени на изборите, а во останатиот дел од дневно-информативните емисии, вообичаено најмногу време се одвојуваше за активностите на Владата.

Јавниот сервис МРТ1 и ТВ 24 Вести обезбедија информации за лицата со оштетен слух, со тоа што на знаковен јазик се преведуваше едно дневно издание на вестите, како и дел од дебатите.

Првиот извештај за начинот на известување на радиодифузерите во текот на изборната кампања (01.04.2019 – 09.04.2019) е достапен на линкот. 

 



Accessibility

Accessibility