Светски ден на слобода на медиумите

Скопје, 3 мај 2019 – Во светло на денешното одбележување на Светскиот ден на слобода на медиумите, кој годинава се одржува под мотото „Медиуми за демократија: новинарството и изборите во време на дезинформации“, потсетуваме дека само професионалните и независни медиуми придонесуваат за општествен и демократски развој.
Во денешните општества сведоци сме на се повеќе дезинформации и во изборни циклуси и надвор од нив кои се огромна закана и за медиумите и за демократијата. Брзите, точни и навремени информации и натаму главни предизвици за медиумите при информирање на јавноста и извршување на нивната улога – коректор на власта.

Денешниот ден е можност да се реафирмираат основните принципи на медиумската слобода, да се процени степенот на оваа слобода, да се одбранат медиумите од нападите по нивната независност и да им се оддаде почит на новинарите кои ги загубија своите животи извршувајќи ги своите професионални обврски.

Според последниот извештај на Репортери без граници, состојбата со слободата на медиумите во Република Северна Македонија е подобрена, но пред нас има уште многу предизвици. Агенцијата, како и досега, ќе продолжи да делува проактивно на полето на унапредување на професионалните стандарди и на зголемување на свеста кај медиумите за улогата и одговорноста што ја имаат во општеството и пред граѓаните.



Accessibility

Accessibility