Стабилното и независното финансирање се нужност за квалитетен јавен сервис

image_pdfimage_print

Сараево, 28.05.2019 – Директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски денеска во Сараево учествуваше на регионалната конференција „Финансирање на јавните радиодифузни сервиси (ЈРС) во Западен Балкан“.

Во своето излагање на панелот посветен на обезбедувањето стабилно и независно финансирање на јавниот сервис, Трајчевски се осврна на постојните законски решенија за финансирање на Македонската радио-телевизија, проблемите со коишто нашиот јавен сервис се соочува во изминатите години и посочи на нужноста од итно изнаоѓање на сигурен, стабилен, одржлив модел на финансирање кој што истовремено ќе обезбеди независност на јавниот сервис.

Тој укажа дека законските измени што беа направени во изминатите години, не произлегоа од некаква сериозна економска анализа со која би се проценило, колку средства реално и се потребни на МРТ за да ги исполнува функциите на вистински јавен сервис, иако овој проблем Агенцијата го нотираше уште во 2012 година во Стратегијата за развој на радиодифузната дејност за периодот 2013 – 2017 година.

– Ако направиме споредба на годишниот буџет на МРТ, со оние на јавните сервиси на Хрватска, Словенија и Србија уште појасно се гледа лошата состојба на нашиот јавен сервис – рече Трајчевски.

На крајот на конференцијата, на која свои обраќања имаа и министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски и претседателката на Програмскиот совет на МРТ Смилка Јанеска Саркањац, беше презентиран нацрт- документ за Заеднички принципи на финансирање на јавните медиумски сервиси на Западниот Балкан.



Accessibility

Accessibility