Справувањето со говорот на омраза во фокусот на четвртиот јавен состанок на АВМУ

Скопје, 21 декември 2023 – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги денес го одржа последниот јавен состанок за оваа година, на кој директорот д-р Зоран Трајчевски направи пресек на реализираните активности согласно Годишната програма за работа во изминатите три месеци.

Присутните имаа можност да слушнат за активностите поврзани со спроведените надзори врз радиодифузерите, операторите на јавни електронски комуникациски мрежи, издавачите на печатени медиуми, давателите на АВМУ по барање, изречените мерки јавна опомена, активностите на полето на меѓународната соработка.

На барање на националните терестријални телевизии Канал 5 и Телма, на состанокот се отвори дебата за справувањето со говорот на омраза во медиумите и онлајн просторот. Беа споделени мислења и ставови од неколку чинителите во медиумската фела, а општата констатација е дека треба да се работи на спречување на говорот на омраза кој е присутен во сите сфери на општественото живеење, вклучително и во медиумите, а посебно на интернет порталите, платформите за споделување на видеа и услуги како YouTube и други платформи каде се креираат содржини без уредничка одговорност и филтрирање на објавената содржина.

Сите присутни се согласија дека треба да продолжи заложбата за превенција на вакви дејствија, а институциите да воспостават систем за навремено реагирање за сите случаи каде ќе се забележи содржина со говор на омраза во интернет просторот.

На состанокот беа споделени и заклучоци од последниот состанок на Мрежата за борба против говор на омраза во медиумите, чија членка е и Агенцијата. Меѓу другото, договорено е на почетокот на 2024 година да се потпише Меморандумот на Мрежата со кој ќе се операционализираат активностите во наредниот период, за да се искористи периодот пред изборниот процес кога најчесто е евидентиран потпалувачки говор во медиумите и на социјалните мрежи. Од Секретаријатот на Владата најавено е дека активностите на Мрежата се влезени во новата Стратегија за периодот 2024-2028 година и во неа се предвидени финансиски средства кои можат да се искористат за поддршка на работата на Мрежата.

Презентацијата е достапна на следниот линк:

Спроведени активности согласно Годишната програма за работа на АААВМУ

  • д-р Зоран Трајчевски, директор на АААВМУ


Accessibility

Accessibility