Граѓаните можат да реагираат за однесувањето во онлајн просторот за време на изборите

Скопје, 15.02.2024 – Со распишувањето на Парламентарните и Претседателските избори, започна и периодот на постапување на Координативното тело за следење на почитувањето на Кодексот за однесување во онлајн просторот за време на изборни процеси и референдуми.

Координативното тело ќе постапува по претставки во врска со евентуални прекршувања на Кодексот од страна на политичките партии, нивните кандидати, независните кандидати, интернет изданијата на радиодифузерите, онлајн медиумите, проверувачите на факти, инфлуенсерите и другите субјекти кои можат да извршат влијание врз јавноста во функција на кампања за време на избори или референдуми.

Претставки можат да пратат сите граѓани и правни лица на е-адресата: koordinativnotelozaizbori@avmu.mk. Претставките може да се однесуваат за ширење дезинформации (неточни, нецелосни, лажни или злонамерни информации), говор на омраза, и дискриминација по која било основа, непочитување на правилата и стандардите за заштита на личните податоци, како и за други форми на неетичко однесување на интернет.

Координативното тело е составено од претставници на: Здружението на новинари на Македонија, Македонскиот институт за медиуми, Советот за етика во медиумите во Македонија, Институт за комуникациски студии, Фондација „Метаморфозис“ и Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Досега кон Кодексот пристапиле три политички партии (Левица, Европска демократска партија и Партија на пензионерите) и 14 медиумски организации (ТВ Коха, ТВ Тера, ТВ Дуе, ТВ Кочани ЛД, ТВ Спектра, Радио Блета, Радио Кочани, Радио Вати, Спорт1, 4Нуз, Екипа, Радовиш Њуз, Порталб и 360 Степени). Координативното тело ги повикува сите субјекти на кои се однесува Кодексот, во најскоро време да пристапат кон него и потсетува дека освен по претставки, јавно ќе реагира и за  прашања од широк јавен интерес, како и за работи поврзани со медиумите и со сите учесници во онлајн-просторот за време на изборниот процес.

За координатор на телото е избран Саше Димовски од Здружението на новинари на Македонија, а за заменичка – координаторка Оливера Војновска од Фондацијата Метаморфозис.



Accessibility

Accessibility