ТВ АЛФА СО ОБЈАВА НА ЗЛОНАМЕРНИ ИНФОРМАЦИИ ВРШИ ПРИТИСОК ВРЗ АВМУ

Скопје, 18 април 2024  – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги најостро реагира на обидот на ТВ Алфа да изврши притисок врз регулаторното тело преку објава на злонамерна информација. Имено, во изданието на емисијата „Заспиј ако можеш“, премиерно емитувано вечерта на 16 април 2024 година, новинарот Горан Момировски, меѓудругото тврдеше дека Агенцијата:

  • се меша во уредувачката политика на ТВ Алфа; и дека
  • неформално ѝ се заканува на ТВ Алфа дека може да биде затворена доколку нема „некаква избалансираност којашто е многу субјективна“.

Од почетокот на изборната кампања за Претседателските избори, вработени во ТВ Алфа во повеќе наврати се обратија до Агенцијата за појаснување на одредбите од Изборниот законик. И покрај тоа што Законикот во однос на обврската за избалансирано известување години наназад не е изменет и ТВ Алфа медиумски го покриваше секој изборен циклус, Агенцијата, на секое барање од телевизијата секогаш навремено одговара со појаснување на законските одредби. Секако, секој радиодифузер треба да донесе независна уредничка одлука и тоа регулаторот го потенцира во секоја комуникација со медиумите.

ТВ Алфа се пожали во повеќе наврати дека СДСМ и претставниците во власта од оваа партија одбиваат да гостуваат во нејзините програми. Агенцијата ја потсетуваше телевизијата дека во Претседателските избори учествуваат 7 кандидати, а во Парламентарните – 17 партии/коалиции, и имајќи го ова предвид може да постигне баланс при покривањето на кампањата доколку за првите издвои еднакво информативно време, а за вторите известува пропорционално, според бројот на потврдените листи со кандидати. Впрочем, ТВ Алфа не е единствената телевизија којашто се жали дека е игнорирана од некои политички субјекти, а Агенцијата, вообичаено при извлекувањето оценки за балансот ќе има предвид доколку медиумот ги поканил политичките субјекти а тие одлучиле да не учествуваат.

Воедно, ТВ Алфа намерно ја доведува во заблуда јавноста дека критериумот – според кој на радиодифузер нема да му биде обновена дозволата за емитување доколку не известува избалансирано во текот на еден изборен процес, произлегува од Агенцијата. Оваа воопшто не е точно бидејќи тоа е критериум којшто е пропишан во  Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

За жал, ТВ Алфа избра да ги погази професионалните новинарски стандарди и да објави злонамерна информација којашто е една од најлошите форми на манипулација со информациите, бидејќи е создадена со јасна цел да наштети некому, во конкретниов случај – на Агенцијата.



Accessibility

Accessibility